Љуба Алекс преку „Ти си твојот град“ со јавноста споделува проблем со кој најчесто се соочуваме во летниот период. Бучава од „дивеење“ со мотори од страна на млади лица.
Љуба Алекс преку рубриката „Ти си твојот град“ споделува со јавноста еден доста значаен проблем со кој се соочуваме сите ние во текот на летната сезона во Охрид. Големата бучава од „трки“ со мотори во доцните часови, најчесто предизвикана од млади лица. Ова е нејзиниот коментар:
Токму во екот на туристичката сезона во Охрид, кога градот е полн со туристи, особено во доцните ноќни часови, се забележува голема бучава од моторцикли (мотори) кои ги возат млади луѓе. Бучавата доаѓа оттаму што тие заради мода или престиж ги турираат своите мотори со цел да предизвикаат што поголема бучава. За таа цел, некои дури го отстрануваат и ауспухот од својот мотор затоа што тој ја пригушува бучавата. (Сигурно има и возење на стари дотрајани моторцикли кои создаваат непријатна бучава, но тие се возат главно дење. Сведок сум на ноќни тури на бучни моторџии кои понекогаш не запираат по цела ноќ. Вакви тури се возат по улиците Партизанска, Туристичка, Димитар Влахов, а можеби и по други улици во Охрид. Кому тоа му пречи? Сигурно на сите, кои поради летото и топлото време спијат со отворени прозорци. Ваквата бучава знае да го разбуди човека и по неколкупати во текот на ноќта. Ако тоа му се случи на некој турист кој скапо го платил своето ноќевање, не верувам дека повторно ќе дојде во Охрид. За некого ова можеби е беззначајно, но верувајте дека не е. Ако на ова се додаде и гласното бескрајно пеење, смеење и викање на млади и поднапиени лица, имате богат репертоар за ноќно будење. Колку е тоа благопријатно за туристите, лесно е да се заклучи – раскажува Љуба Алекс, за „Ти си твојот град“.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град