Министерот за култура Хусни Исмаили ги прогласи за отворени Струшките вечери на поезијата. Од градот на поезијата Исмаили им се обрати на стотина поети од земјата и странство.
Во Струга по 58-ми пат започна да се слави поезијата. Министерот за култура Хусни Исмаили ја прогласи за отворена поетската манифестација „Струшки вечери на поезијата“, која ќе се одржува до 26 август. Министерот Исмаили во своето обраќање им посака на присутните срдечно добредојде во родниот град на убавиот поетски збор.
„Да се зборува за поезијата е навистина тешка задача затоа што претставува обид преку пишаниот збор да го величиш зборот“, истакна при тоа министерот за култура Исмаили. Со цитат од Ролан де Пеневил се обиде да ја дефинира поезијата.
„ Поезијата се појавува како директно познавање на ужасната тајна која нашиот живот обземен од космичката тајност ја отвара пред себе. Бидејќи поезијата е допир на душата со реалноста што самата е неискажлива дури со нејзиниот извор Бог“, потсети Исмаили.
Во годинашното издание на „Струшките вечери на поезијата“ во програмата се предвидени повеќе поетски читања на различни локации на кои ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети од различни генерации.
Истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ од Струга ја испрати поетската порака. По повод неговиот осумдесет и петти роденден, во рамките на Програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет.
Денес, пак, во рамките на манифестацијата се одржа поетски портрет на Зоран Анчевски, добитник на наградата „Браќа Миладиновци” за 2018 година и поетското читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци” за 2019 година. Тоа се Митко Гогов за „Скриено писмо“, Јовица Ивановски за книгата „Човек“, Наташа Сарџоска за „Крстна коска“, Билјана Стојановска за книгата „Стан што се распаѓа“ и Катица Ќулавкова за „Мои страсти, мои страданија“.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град