Цеца ја признала вината

Девет години малтретирање, сега е готово

 |  инфодеск  | 

Аркановата вдовица, Цеца Ражњатовиќ во интервју за српскиот Блиц, проговори за годините и времето поминато во централниот затвор и домашен притвор по смртта на својот сопруг.

 На прашањето на новинарот на Блиц дали била во притвор поради тоа што е пронајдено оружје во нивната куќа од нејзиниот сопруг а сите знаеле дека тој беше командант на Српската доброволна гарда, Цеца одговорила: „Сите тоа го знаеа, но тоа е завршена приказна. Не со задоволство се сеќавам на тој период кој навистина ми преседна. Ретко и коментирам за тоа што ми се случувало. Не сум некоја што прави врева преку медиумите и можеби тоа беше грешка. Да бев побучна и да се бранев од тие напади, можеби би поминала подобро и не би ми лепеле секакви етикети“.

 Цеца во интервјуто коментира дека и сама не знае зошто се нашла во немилост на тогашната политичка власт. „Не знам ни сама зошто само знам дека траеше 10 години. И мене некои работи не ми се јасни. Сега е се готово. Не е важно повеќе. Сега сакам да го живеам животот, го тргнав тој товар од грбот и од својата фамилија.

 Воислав Ѓураковиќ, некогашен Арканов соборец, ја тужи Цеца дека наводно му должи преку 116 илјади евра, а пејачката тоа го коментира со зборовите: „Не е тој единствен кој се сетил дека нешто му должам после смртта на мојот сопруг. Мене досега судот ниту еднаш не ме повика да дадам изјава ама затоа медиумите за секоја негова лага ме повикуваат да давам изјави. И покрај сите тие лаги јас сум осудена за тој долг, но Врховниот суд ја поништи таа пресуда на првостепениот и окружниот суд и бараше прво да се заврши оставинската постапка и сите кои нешто барале од мојот сопруг можат тоа да го побаруваат од сите правни наследници“.

 На прашањето дали е некому должна, Цеца одговорила кратко и јасно: „Не сум позајмувала пари од никого, многумина мислат дека имаат право да бараат од мене пари затоа што сум успешна и популарна. За тоа постои само еден збор – рекет“.

 Цеца коментираше за интервјуто и наводи дека била поврзана со луѓе кои се замешани со убиството на Ѓинѓиќ, а некои од нив дека биле и куќни пријатели. „Доколку се познаваш или се дружиш со некој, тоа не значи дека ќе ја направиш истата работа како и тие. Тоа не значи дека нема да го осудиш ако греши. Не можеме секогаш да влијаеме на луѓето. Некогаш воопшто не можеш ни да претпоставиш што некој од твоето опкружување може да направи. Тоа не значи дека треба јас да сносам одговорност поради туѓи постапки. Сите ние сме полнолетни и зрели луѓе и сами сносиме одговорност за она што го правиме“.- смета пејачката.

 Беше обвинета и за прикривање на данок и поради тоа беше во домашен притвор и плати 1,5 милиони евра данок. „Тоа се случуваше во времето на ембаргото кога единствен начин на плаќање беше во кеш. Казнета сум за трансфер кој дојде во кеш и е книжен на мое име. Затоа плаќам казна, а не заради затајување данок. Секоја паричка која е дојдена од играчите е вложена во Обилиќ, што е евидентирано, па стадионот не е паднат од небо, тоа чини многу пари“, вели Цеца.

 Сепак, ја призна вината и прифати нагодба.„Само од една причина – доста ми беше од малтретирање. Предметот го вадеа и го враќаа во фиока полни 9 години, тоа беше психичко малтретирање за мене и мојата фамилија. Сакав да ставам точка. Никој со државата не ја добил војната, зошто би ја добила јас? Ама видовме дека на други примери дека некому е мајка а на некои маќеа. Никому ништо не должам, ставена е точка и јас одам понатаму. Дали е тоа правда или неправда мене ми е сеедно“, одлучно тврди пејачката.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top