Валутната војна во светот продолжува

Скоро сите најважни централни банки директно или индиректно заговараат слабеење на своите валути

 |  инфодеск  | 

Минатонеделната одлука на американската централна банка за уште едно одложување на подигнување на каматите веројатно ќе предизвика ново привремено слабеење на американскиот долар што значи дека валутната војна продолжува. Имено, скоро сите најважни централни банки во светот директно или индиректно заговараат слабеење на своите валути.

САД – Главниот аргумент за одложување на зголемувањето на каматите беше спориот раст во глобалното стопанство, но Janet Yellen, претседателката на FED, ја напомена и опасноста од пресилниот долар. Поради одложувањето на затегање на монетерната политика веројатно ќе се одложи и новиот бран за зајакнување на доларот. Во моментов односот EUR/USD  е 1,1280.

Еврозона – Европската централна банка во последното обраќање до јавноста изрази загриженост по прашањето на стопанството во Еврозоната и на тој начин на финансиските пазари им прати порака дека доколку биде потребно ќе се спроведат мерки за поттикнување на стопанските активности што сигурно ќе доведе до слабеење на еврото.

Кина – За разлика од останатите, Кина својата валута ја држи цврсто врзана за доларот и не само што не допушта јакнење туку пред неколку седмици со политичка одлука ја падна за приближно 2% за да го поттикне растот на извозот кој е темел на кинеското стопанство.

Јапонија – Иако јапонскиот јен во последните неколку години падна за 30% во однос на американскиот долар, по кинеската девалвација почна да се шпекулира дека и Јапонија ќе покрене додатни мерки кои ќе доведат до продолжување на слабеење на јенот.

Британија – Ситуацијата во британското стопанство е поприлично добра и веќе долго се очекува зголемување на каматите од страна на централната банка. Но, повеќето аналитичари сметаат дека Британците на тој чекор ќе се одлучат по Американците, за да спречат нагло јакнење на сопствената валута при што како по правило се случува при зголемување на каматите.

Швајцарија – Од сите наведени земји и нивните централни банки, Швајцарската народна банка најотворено заговара слабеење на сопствената валута за која смета дека е неодржливо преценета. Освен вербални пораки за курсот на валутата, Банката спроведува и интервенции на пазарот во кој продава франци и купува евра, а на тој начин ја слабее сопствената валута.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top