Што се случува со американскиот долар?

Последните две недели доларот опаѓа во однос на останатите најтргувани валути

 |  инфодеск  | 

Последните две недели американскиот долар опаѓа во однос на скоро сите најтргувани валути во светот. Во однос на канадскиот, австралискиот и новозеландскиот долар, американскиот изгуби 4,6 и 8% од вредноста, респективно. Опаѓањето во однос на европската валута еврото, швајцарскиот франк и британската фунта беше помало и изнесуваше приближно 1%.

Курсот на доларот се одрази и на многу други пазари како што се пазарот за енергенси, акциите на племенитите метали на кои дојде до нагло растење на цените. Цената на WTI нафтата од почетокот на месецот порасна за 11% и сега по прв пат по септември се наоѓа на ниво поголемо од 50 долари по барел. Цената на златото во истиот период порасна за 4,5%, а вредноста на најтргуваните индекси во Америка и Европа пораснаа за приближно 6%.

Најголемата причина за наведените пазарни движења се очекувањата на голем број инвеститори на финансиските пазари за зголемувањето на каматите во САД. Имено, многумина од инвеститорите и аналитичарите беа уверени дека американската централна банка во септември ќе ги подигне каматните стапки, но поради ниската стапка на инфлација и успорувањето на глобалното стопанство тоа не се случи.

Дел од инвеститорите сметаат дека до подигнување на каматите ќе дојде во 2016 година што значи дека кредитите уште некое време ќе бидат ефтини што ќе придонесе за потрошувачката и инвестициите. Таквата ситуација е добра за цените на акциите и имотите и токму поради тоа последните недели големи суми на пари се вложуваат во акции и племенити метали што пак нагло им ја подигнува цената.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top