Силен земјотрес и цунами во Јапонија

Илјадници се евакуирани во повисоките делови на островот

 |  инфодеск  | 

Најмалку шест лица се повредени, а илјадници се евакуирани во повисоките делови на островот откако јапонските власти издадоа предупредување за цунами по земјотресот со јачина од 7,4 степени и серијата повратни потреси во префектурата Фукушима.

Епицентарот на земјотресот бил во морето, на 67 километри североисточно од градот Иваки, кој се наоѓа во крајбрежниот регион Хамадори.

Како што јавува Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА), земјотресот се случил на длабочина од 25 километри, а по него следувале уште седум повратни потреси. Од силните потреси во морскиот предел се регистрирани цунами, кои првично се предвидуваше дека може да достигнат височина и до три метри.
Првите цунами-бранови што удрија во брегот на Јапонија беа со височина од 65 сантиметри, а подоцна успеаја да достигнат височина и до еден метар.

Во меѓувреме, јапонските власти соопштија дека опасноста од нови и поголеми цунами-бранови е намалена.

Системот за ладење на третиот реактор во нуклеарната електрана „Фукушима“ престанал да ја циркулира водата веднаш по силниот земјотрес. Како што соопштија од управата на централата, причината за настанатиот проблем била дефект на пумпата, која веројатно откажала од потресот. Сепак, проблемот со ладењето е решен во рок од 90 минути, поради што не се предизвикани никакви штети на работењето на нуклеарната електрана.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top