Ноќта во Италија помина со нови 57 помали потреси

Отворена е истрага за евентуални малверзации при градењето на објекти во Аматриче и околните села

 |  инфодеск  | 

Италија продолжи да се тресе во подрачјето на големиот земјотрес и ноќта помеѓу четврток и петок каде беа урнати неколку села, а спасувачите сеуште трагаат по преживеани.

Според националниот центар за земјотреси за време на ноќта се забележани 57 помали земјотреси, меѓу кои најсилни биле тие околу полноќ со интензитет од 3 до 3,8 степени, а од средата досега се забележани повеќе од 900 тресења на тлото.

Спрема најновите податоци на цивилната заштита од четвртокот навечер, во земјотресот загинале најмалку 250 лица, а 365 се повредени.

Властите сеуште не можат да го одредат бројот на исчезнати лица бидејќи жителите на тие сликовити туристички гратчиња за време на летниот период се зголемува двојно и тројно и тешко е да се знае колку лица биле присутни таму во моментот на катастрофата.

Повеќе од 24 часа по земјотресот Италијанците се прашуваат за причините на толку голем број загинати во така слабо населено подрачје. Посебно биле шокирани во случајот со училиштето во Аматриче кое било целосно реновирано во 2012 година за да се прилагоди за вакви земјотреси, а се сруши во средата. Обвинителот од Риети, најблискиот град на местото на земјотресот, отворил истрага за евентуални малверзации при градење во Аматриче и останатите села.

Свесен за овие прашања, премиерот Матео Ренци најави покренување на план за превенција “Casa Italia” што ќе биде централна точка на делување на неговата влада во тој правец.

Спрема министерот за култура Дарио Франческини, земјотресот во средата оштети или уништи 293 објекти кои имаат културна вредност.

Владата во четвртокот навечер прогласи вонредна состојба во погодените подрачја и одобри итна помош од 50 милиони евра.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top