Најновиот биланс на жртви, во силниот земјотрес кој со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала, во вторникот, го погоди централниот дел на Мексико е 240 настрадани. Потрагата на спасувачките екипи во урнатините сеуште трае.
Најтешко од земјотресот е погодена сојузната држава Морелос во која според претходните изјави на надлежните загинале најмалку 55 лица. Гувернерот на државата Грако Рамирез рекол дека 12 лица настрадале во градот Хохтла, а четири во главниот град на оваа сојузна држава Куернавака, во кој живеат 350.000 луѓе.
Во сојузната држава Пуебла, каде бил епицентарот на земјотресот, загинале 26 лица, соопштил гувернерот на државата.
Според последните информации во Мексико Сити се урнало училиште. Настрадало 21 дете.
Во Мексико Сити неофицијално бројката на загинати изнесува 49, но властите стравуваат дека ќе расте бидејќи спасувачлите екипи пребаруваат по урнатините на неколку згради.
Најмалку десет лица страдале во соседната сојузна држава Мексико.
Претседателот на државата Енрике Пења рекол дека во Мексико Сити се урнале 44 згради. Спасувачките екипи ппребаруваат по урнатините, а само во Мексико Сити досега биле извлечени околу 60 луѓе.
Епицентарот на земјотресот се наоѓал на осум километри јужно од градот Атенсинго, во државата Пуебла на длабочина од 51 километар. Гувернерот на државата објави дека најмногу оштетени згради има во градот Чолула.
Мексико на почетокот на месецот го погоди земјотрес со јачина од 8,1 степени според Рихтер. Во земјотресот смртно страдаа 90 лица. Тој земјотрес се смета за еден од најсилните кои се случиле во последните 100 години.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град