Во експлозија на автомобил бомба во близина на германската амбасада во Кабул загинаа најмалку 80 лица, а повредени се околу 350.
Нападот се случил во дипломатскиот каврт на Кабул, во утринскиот сообраќаен шпиц. Целта на нападот засега не е позната. Според наводи на француската влада, оштетени се германската и француската амбасада.
Од германски безбедносни кругови се вели дека сѐ уште не е јасно дали има повредени Германци во амбасадата. Можно е да има повредени Авганистанци кои работеле во амбасадата.
Експлозијата била толку силна, што предизвикала оштетувања и на прозорците и вратите на објектите кои се оддалечени и неколку стотини метри. Со оглед на големиот број повредени, се стравува дека бројот на жртвите ќе се зголемува.
Одговорност за нападот досега нема преземено никој. На крајот на април талибанците почнаа „пролетна офанзива“ и ги засилија своите напади. Кабул, инаку, е постојано цел на напади на радикални исламистички бунтовници. На почетокот на мај, во бомбашки напад врз странски војници, загинаа најмалку осум лица. Тогаш одговорност за нападот презеде џихадистичката милиција „Исламска држава“.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град