Курсот на еврото во однос на американскиот долар минатата недела потона за 2,9%, на 1,1018 долари и е на најниско ниво од почетокот на август. Еврото падна и во однос на јапонскиот јен за 1,3%. Доларот пак порасна во однос на јенот па курсот му се зголеми за 1,7%.
Најголемото опаѓање на еврото спрема доларот е најавата на Централната Европска банка дека нејзините челници во декември ќе разгледуваат дали треба да се воведат дополнителни поттикнувачки мерки.
Како што се очекуваше, челниците на ECB одлучија во четвртокот дека клучната каматна стапка останува непроменета на рекордно најниско ниво од 0,05%, додека претседателот на банкатa, Mario Draghi, порача дека ECB во целост ќе ја спроведе програмата за олабавување на монетарната политика и по септември идната година.
“Пазарите очекуваа дека Draghi ќе сигнализира за продлабочување на програмата за олабавување по септември идната година, но тој отиде подалеку и сигнализираше спуштање на каматните стапки и подлабоко во негативната зона”, коментирал трговец во јапонска брокерска компанија.
Можноста за понатамошно олабавување на монетарната политика ја притиска европската валута. Аналитичари на Goldman Sachs сметаат дека потенцијалот за понатамошно слабеење на еврото е многу значаен фактор на пазарот, па ценат дека неговиот курс би можел да се врати на најниското ниво во последните 12 години на околу 1,05 долари, на колку што беше во март, ако ECB одлучи додатно да ја олабави монетарната политика.
Освен еврото спрема доларот, минатата недела значително падна и швајцарскиот франк бидејќи се шпекулира дека швајцарската централна банка ќе мора да ги зголеми негативните каматни стапки на депозити ако ECB додатно ја олабави монетарната политика.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град