Клинтон со предност пред Трамп и во вториот дуел

Трамп ќе именува посебен обвинител за да спроведе истрага за Хилари Клинтон

 |  инфодеск  | 

Хилари Клинтон го победи Доналд Трамп во втората дебата на кандидатите за претседател на САД во Сент Луис, Мисури, покажуваат податоците од спроведената анкета на телевизијата Си-Ен-Ен.

Резултатите покажуваат дека 57% од анкетираните посочиле дека кандидатката на демократите е победник, додека 34% гласале за Трамп.

Друга анкета, спроведена од „Ју гов“, утврдила дека 47% од анкетираните се приврзаници на Клинтон, додека 42% го поддржуваат Трамп. Меѓу луѓето што сè уште не се определени за кого да гласаат, Клинтон победила за 44%, додека 41% сметаат дека Трамп бил подобар.

Ова е втора дебата од трите што се одржуваат пред претседателските избори. Првата, исто така, ја доби Клинтон. Третата ќе се одржи на 19 октомври.

Дебатата веднаш на почетокот се вжешти околу сексуалната агресија на Трамп кон жените. На милијардерот, како што рече, му било непријатно поради изјавите, но тие „сепак биле само разговори од машка соблекувална“.

„Кај мене се работи за зборови, а кај него (кај Бил Клинтон во случајот со Моника Левински, н.з.) за дела“, изјави Трамп.

Хилари одговори дека иако Трамп тврди оти видеото го претставува во погрешно светло, „на сите им е јасно дека снимката го претставува токму таков каков што е“.

„Го чувме како ги навредува жените. Како ги класифицира од еден до десет според физичкиот изглед“, рече Клинтон.

Трамп парираше со најава дека ако биде избран, ќе именува посебен обвинител за да спроведе истрага за Хилари Клинтон поради користењето приватен мејл додека беше државна секретарка, бидејќи таа така ја довела во опасност националната безбедност.

„Добро е што некој со темперамент како Трамп не е задолжен за спроведување на законите“, одговори Клинтон, на што Трамп искоментира – „Бидејќи така вие би биле во затвор“.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top