Американскиот он-лајн медиум The Intercept објави таен, класифициран документ на американската Агенција за национална безбедност НСА во кој се вели дека хакери од руското воено разузнавање се обиделе да влезат во американскиот избирачки систем пред минатогодишните претседателски избори.
Тајниот документ открива дека операцијата поврзана со руската разузнавачка агенција ГРУ ги имала за цел американските приватни компании кои вршеле регистрација на гласачите. Извештајот укажува дека хакерите од Русија добиле и сочувале пристап до повеќе елементи во избирачките совети на САД.
Американските разузнавачки агенции изјавија дека наводното руско хакирање не влијание директно на победата на републиканецот Доналд Трамп но ја загрози кампањата на неговата демократска противничка Хилари Клинтон.
Рускиот претседател Владимир Путин ги негираше обвинувањата за мешање во изборниот процес во САД тврдејќи дека хакерите можат да интервенираат било каде од било кој компјутерски систем.
Ова ново сознание доаѓа во пресрет на сведочењето на поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми пред Комитетот за разузнавање на Сенатот за наводното руско мешање во претседателските избори на САД.
Министерството за правда на САД соопшти дека за вчерашното објавување на документот бил уапсен еден вработен во националното разузнавање.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град