Папата Франциско и рускиот патријарх Кирил се сретнаа во Куба и поглаварите на источната и западната црква се прегрнаа по прв пат по расколот од пред скоро илјада години.
По завршувањето на разговорите набиени со емоции, прва средба по скоро илјада години од расколот, поглаварите на Католичката и водечката Православна црква изразиле жалење “за раните нанесени во конфликтите помеѓу христијаните во далечното и блиско минато”.
“Свесни за бројните пречки кои треба да се совладаат, се надеваме дека нашата средба ќе придонесе во обновата на тоа единство по божјата волја”, нагласиле во заедничката изјава потпишана по завршувањето на двочасовниот разговор на аеродромот во Хавана.
Како што и се очекувало, двајцата поглавари ја повикаа меѓународната заедница со итни акции да им помогне на христијаните на Блискиот исток.
“Ја повикуваме меѓународната заедница на итни акции за да се спречи христијаните да бидат избркани од Блискиот исток. Во Сирија и Ирак, насилството веќе однесе илјадници животи, оставајќи милиони луѓе без кров на глава и без средства”, стои во текстот и се додава: “Хуманитарна помош од големи размери е неопходна за народите кои страдаат, но и за бројните бегалци во соседните земји”.
Историската средба на двајцата поглавари започна со прегратка, неколку бакнежи во образ и краток разговор со насмевки пред камерите на неколкуте фотографи во салонот на аеродромот во Хавана.
“Конечно се сретнавме, ние сме браќа”, изјавил со задоволство папата Франциско, додавајќи: ”Очигледно ова е божја волја”.
“Сега работите се појасни”, била изјавата на патријархот Кирил.
Разговорот во четири очи беше прва средба на некој поглавар на Католичката црква и патријарх на најголемата меѓу Православните цркви по расколот помеѓу Рим и Цариград во 1054 година. Тој раскол помеѓу католиците и православците е со теолошки, но и со историски причини – Западот сакал да има влијание на цел христијански свет, а Истокот сакал да ја задржи својата автономија.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град