Претплата на инфлуенсери

Инстаграм почна со тестирање за претплата на профили

Мал број инфлуенсери сега ќе почнат да воведуваат претплата за пристап. Тие ќе видат нова ознака на нивниот профил на која треба да се кликне за корисниците да се претплатат на содржината.
 |  Маја Савиќ  | 

Инстаграм почнува да тестира нова опција која на најпопуларните корисници, односно креаторите на оваа мрежа треба да им обезбеди дополнителна заработка. Мал број инфлуенсери сега ќе почнат да воведуваат претплата за пристап до дополнителна содржина што ја објавуваат на таа мрежа.

Нивните следбеници кои сакаат да имаат пристап до оваа содржина ќе треба да платат помеѓу 0,99 и 9,99 долари (во зависност од тоа која сума ќе ја изберат сопствениците на профилот), а на почетокот целата сума ќе оди во џебот на инфлуенсерот, иако не е тешко да се претпостави дека „Мета“ со текот на времето ќе почне да ја зема и нивната провизија.

Кога ја објави опцијата за претплата, првиот човек на „Инстаграм“, Адам Мозиер, рече дека претплатите се еден од најдобрите начини да се предвиди заработката бидејќи тие не зависат од досегот на поединечни објави кои често може да варираат и се важни кога се преговара со спонзорите за плаќање.

Креаторите на кои им е дадена опција да воведат претплата ќе видат нова ознака на нивниот профил на која треба да се кликне за корисниците да се претплатат на содржината. Следбениците кои ќе се претплатат на креаторите на премиум содржини ќе добијат три опции кои нема да им бидат достапни на следбениците кои не плаќаат за содржината.

Тие ќе можат да пристапуваат до „Сторис“ направени исклучиво за претплатници и да гледаат преноси во живо што ќе ги емитуваат креаторите, кои нема да бидат достапни за обичните корисници. Друга опција што ќе ја добијат претплатниците се специјалните значки кои ќе се појавуваат веднаш до името на претплатникот кога ќе коментира за објавата и кога ќе му испраќа пораки на креаторот на содржината.

Опцијата за претплата нема да биде достапна за сите инстаграм-корисници, туку само за креаторите на содржини, а при тестирањето е достапна само за мал број такви креатори. По периодот на тестирање, претплатата ќе биде достапна и за други креатори, но сѐ уште не се знае кога ќе биде.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top