Грција прифати потешки мерки за штедење од оние кои беа одбиени на референдумот

Рано утрово грчкиот парламент го изгласа пакетот мерки за штедење

 |  инфодеск  | 

Новите мерки вклучуваат зголемување на ДДВ кое ќе им донесе вкупно 2,39 милијарди евра, а останатите приходи би пристигнале од зголемување на данокот од осигурувања, данокот на добивка, данок на луксузна стока, данок за бродови поголеми од 5 метри, данок од моторни возила со поголема јачина на моторот, како и додатни даноци на оние кои имаат примања поголеми од 30.000 евра, пренесуваат грчките медиуми. Воедно, во овој пакет мерки се зголемува и старосната граница за одење во пензија. Законските предлози  за промени на низата на даноци и пензискиот систем би требало на Грција да и донесе пораст на пресметковните приходи од 3,175 милијарди евра годишно.

По бурна расправа која траела повеќе од четири часа, 229 од 300 пратеници гласале “за”, 64 “против”, додека шестмина биле воздржани. Против гласале и 38 пратеници на Сириза на премиерот Алексис Ципрас кој воочи на гласањето, иако против сопствената волја, ги повикал пратениците да гласаат за непопуларните мерки. Во исто време пред парламентот протестанти ја гаѓаа полицијата со молотови коктели која пак воззвратила со солзавци.

“Изминатите пет месеци жестоко се боревме и горд сум на таа борба. Имаше грешки за кои ја превземам одговорноста. Секој грчки граѓанин ја разбира разликата помеѓу оние кои се борат и оние кои се предаваат”, истакнал Ципрас во својот емотивен говор. Тој додал дека е спремен да ги примени ирационалните предлози за да го избегне банкарскиот крах и катастрофата за Грција.

Ципрас со договорот со меѓународните кредитори и лидерите на еврозоната минатиот викенд успеа да го одложи финансискиот колапс на земјата, но се согласи со мерките кои се значително потешки од оние кои на 5 јули беа одбиени на референдумот во Грција.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top