Во 2016 година цената на нафтата на 20 долари по барел?

Нафтата со цената е на рекордно ниско ниво во последните 11 години

 |  инфодеск  | 

Иако само пред една година најголемите енергетски експерти и берзански играчи тврдеа дека времето за евтини енергенси е минато свршено време и дека е многу извесно дека наредните месеци и години цената на нафтата ќе се движи околу 200 долари по барел, сепак актуелната ситуација со цена од 36 долари подеднакво ја збунува јавноста и експертите.

Никој не знае каде е дното, а некои аналитичари како Jan Stuart од Credit Suiss, сметаат дека во наредниот период цената ќе остане на сегашното ниво, а не е невозможно барел нафта да падне и на 20 долари, како што стои во писмото на таа банка кое го упатила до своите инвеститори, а го пренесува Bussines Insider.

Исто така, швајцарската банка проценува дека до 2020 година цената на барел нафта нема да биде повисока од 60 долари.

Меѓународниот монетарен фонд пак проценува дека растот на иранскиот извоз на нафта може да ја сруши цената на помеѓу 5 и 15 долари по барел, а тоа последично би можело да ја загрози индустријата на нафта. Се проценува дека санкциите го намалиле иранското производство на нафта за еден милион барели на ден. Иран е на четврто место во светот по резерви на нафта, а дневното производство им е на 3,37 милиони барели на ден и се очекува следната година да почне да извезува дополнителни половина милион барели дневно на глобалниот пазар.

Не треба да се заборави дека и Либија беше значаен производител на нафта кој поради воениот хаос во потполност излезе од пазарот со денешното производство од само 516.000 барели на ден, а тука е и Сирија чии нафтени полиња моментално се под контрола на Исламската држава и чие производство е сведено на минимум.

Со стабилизација на овие земји на пазарот ќе се појават дополнителни количини на нафта кои ќе имаат значително влијание на цената на нафтата.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top