Како ќе се движи курсот на еврото по референдумот во Грција

Се очекува поголема раздвиженост во наредните денови

 |  инфодеск  | 

Веднаш по референдумот на азиските берзи еврото падна за 1%, но моментално курсот се зголемува веројатно поради тоа што поголемиот број инвеститори на финансиските пазари сметаат дека референдумската одлука не значи и дефинитивно напуштање на еврото од страна на Грција, бидејќи грчкиот премиер изјави дека е спремен веднаш да ги продолжи преговорите. Од друга страна и претставниците од ЕУ договараат состаноци кои ќе бидат одржани денес и утре на кои повторно ќе се разговара за моменталната ситуација. Додатна можна причина за зајакнувањето на еврото е масовното купување на евра од страна на Швајцарската централна банка која не сака пад на еврото во однос на швајцарскиот франк, а тоа го спречува веќе со години купувајќи масовно евра во слични ситуации.

Деновиве сигурно ќе дојде до движење и поместување на курсот на EUR, CHF и USD поголеми од вообичаените, а причините за тоа ќе бидат вестите за промена на ситуацијата во преговорите, но што ќе се случува со горе наведените валути кога ситуацијата ќе се смири останува непознаница.

Доколку Грција излезе од еврозоната, ќе воведе своја валута и аналитичарите сметаат дека EUR ќе паѓа во однос на другите валути, а најмногу во однос на USD и JPY. До продолжување на паѓањето на EUR би довел и стравот од напуштање на еврозоната и на други проблематични земји како Шпанија, Португалија и Италија, па отаму доаѓаат и мерките за осигурување на доволна ликвидност во финансискиот систем кој би почнала да ги спроведува Европската централна банка, а што би подразбирало вбризгување на големи количини пари во финансискиот систем што редовно носи слабеење на валутата за додатни 5-10%.

Доколку Грција остане во еврозоната, EUR во краток рок ќе зајакне неколку проценти поради купување на валутата од оние кои деновиве продаваа. Но, потоа фокусот на финансиските пазари ќе се префрли на монетарната политика на двете најважни централни банки, американската и европската. Имајќи во предвид дека двете банки спроведуваат различни политики во блиска иднина се прогнозира долгорочно јакнење на USD и евентуалното јакнење на EUR во идните неколку недели нема да биде од долг век.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top