Цената на нафтата на светските пазари минатата недела падна повеќе од 10% и по прв пат по 12 години потона под границата од 30 долари по барел, а можно е и понатаму да паѓа.
На лондонската берза цената за барел нафта во петокот изнесуваше 28,94 долари што е 13% помалку отколку пред една недела, а во еден момент достигна цена од 28,82 долари што е најниска цена од февруари 2004 година. На американскиот пазар, пак, цената за барел изнесуваше 29,42 долари, а во еден момент и 29,13 долари, најниска граница од 2003 година наваму.
Така, продолжи трендот на пад на цената за барел нафта и во оваа година, па само во две недели опадна за повеќе од 20%. Во последните 18 месеци, откако започна трендот на опаѓање, цената за барел нафта потона од повеќе од 100 долари на помалку од 30 долари по барел, а поедини аналитичари велат дека тоа ќе продолжи.
Падот на цената на нафтата е последица, како што велат, на успорувањето на глобалниот раст на економијата, најмногу на кинеската, најголемиот светски потрошувач на суровини. Од друга страна производството и понатаму е високо бидејќи најголемите производители не можат да се договорат за намалување на производството за да ги усогласат цените. Притоа, цената на нафтата е под притисок од високиот курс на доларот бидејќи се очекува и оваа година Централната банка на САД да ги зголеми каматите откако во декември тоа го направи по прв пат од 2006 година.
“Понатамошен пад на цената на нафтата не може да се исклучи. Цената од 25 долари по барел е сосема можна, но не и многу под тоа”, вели Carsten Fritsch, аналитичар на CommerzBank.
Понатамошен пад на цената на нафтата е можен поради тоа што на Иран му се укинати санкциите, па извозот на црното злато од таа земја додатно ја зголемува нерамнотежата помеѓу понудата и побарувачката.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град