На приватната компанија Андриќград, со седиште во Вишеград која со политичка и финансиска помош на владата на Република Српска ја создаде Емир Кустурица, ѝ се бликирани сметките откако со ревизијата е утврдено дека таа и должи на државата Босна и Херцеговина околу 600.000 евра на име неплатен ДДВ, пренесуваат медиумите во БиХ.
Бањалучкиот портал “Capital” објави дека инспектори од даночната управа откриле дека Андриќград на Кустурица во тој износ прикажувал одбитоци на влезен ДДВ, а за тоа немало основ бидејќи за објектите на овој комплекс не постои потребна документација како што се градежни дозволи.
Утврдено е дека по таа основа Андриќград ја оштетил државата за нешто повеќе од 1,2 милиони конвертабилни марки и затоа веднаш е покрената постапка за присилна наплата со блокирање на сметките и забрана за продажба на подвижниот имот во нејзина сопственост.
Доколку Андриќград некогаш пријави дека има градежни дозволи поголемиот дел на долгот ќе биде отпишан, но би останал оној износ од околу 75.000 евра, утврден на основа на фактот дека два пати е вршено одбивање на ДДВ на исти фактури.
Андриќград е амбициозно замислен проект од комплексни градби со различна намена кои треба Вишеград да го претворат во некој вид на српски духовен и културен центар, темелен на интелектуалното наследство на нобеловецот Иво Андриќ.
Проектот го смислил Емир Кустурица, но бидејќи за неговата реализација немал доволно средства, спонзор нашол во владата на Република Српска, односно во сегашниот претседател Милорад Додик кој ентитетската сметка ја ставил на располагање на режисерот.
Целиот проект е проценет на околу 18 милиони евра, а со средствата од Република Српска и донацијата од Србија од еден милион евра, проектот се финансира од кредити кои ги подигнал Кустурица.
Андриќград во јуни 2014 година свечено беше отворен од претседателот Додик и српскиот премиер Александар Вучиќ.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град