Американскиот долар 2015 ја заврши посилен за 9%

Многу аналитичари очекуваат продолжување на падот на еврото и во 2016 година

 |  инфодеск  | 

Американскиот долар во 2015 година зајакна за повеќе од 9% во однос на најважните светски валути што е благодарение на првото зголемување на каматите на американската централна банка од 2006 година.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на шест најважни валути во светот, во последниот ден од тргувањето достигна 98,75 поени, што е околу 9% повеќе во однос на почетокот на годината.

Зајакнувањето на доларот е благодарение на зголемувањето на каматите на Fed во декември, а што е за прв пат по 10 години, како и најавите на централната банка дека и во 2016 година би можела да продолжи со тој тренд.

Поради ова доларот минатата година во однос на еврото зајакна повеќе од 10% и тоа е втора година по ред. Курсот на еврото во 2015 година заврши на 1,0860 долари.

Слабеењето на еврото е последица на лабавата монетарна политика на Европската централна банка (ECB), која на почетокот на минатата година воведе програма за купување на државни обврзници вкупно вредни повеќе од 1.000 милијарди евра.

Оваа програма се очекува, можеби и да се зголеми и во 2016 година, па многу аналитичари очекуваат продолжување на паѓањето на еврото.

Аналитичарите велат дека разликите помеѓу монетарните политики во САД и останатите развиени економии ќе останат главен покренувач на пазарот на валути барем во првото тромесечие во 2016 година.

“Fed во јануари би можел да донесе одлука за второ зголемување на каматите што не е потполно пресметано во курсевите, па така доларот би можел да добие свеж поттик за раст”, изјавил Richard Franulovich, валутен стратег во банката Westpac.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top