Македонските земјоделци и овоштари се загрижени за извозот на годинешниот род. Стравуваат за пласманот на производите и пазарите каде ќе завршат нивните труд и мака по затворање на традиционалните пазари на Исток по воениот конфликт во Украина.
Посебно се загрижени по воведувањето на меѓусебните санкции на нашата земја и Руската Федерација. Вообичаено, во овој период од годината, се договара пласманот на производите, а производителите се исправени пред голема неизвесност, напоменува охридскиот овоштар Ванчо Стојаноски. Земјоделците и овоштарите упатуваат апел до Владата да издејствува пласман на пазарите во Западна Европа.
Ние ги почитуваме директивите на Европската унија, а не сме започнале преговори за влез.Воведовме по нивна препорака санкции кон Руската Федерација и тие обратно кон нас. Членките на ЕУ евентуалните загуби во земјите ќе ги покриваат од солидарниот фонд, за нас нема ништо, а по нивни директиви воведовме санкции. Нашата влада да преговара со ЕУ за либерализација на нивниот пазар за македонските производи – истакна Стојаноски.
Македонските земјоделци и овоштари со години трпат загуби од климатските промени, а сега и од воениот конфликт. Стравуваат дека студената војна во Европа ќе продолжи. Многу од нив размислуваат да се откажат од работата во аграрот кога се соочуваат со низа проблеми и затоа се обраќаат за помош од владата.
Доста од земјоделците со години земаат кредити за да ги одржат насадите, а пласманот е несигурен, цените се се пониски. Државата да стави ред кај откупувачите, не само кај тутунопроизводителите, туку кај сите други земјоделски и овошни култури – вели Стојаноски.
40.000 македонски земјоделски семејства егзистираа од пласманот на производството на пазарите во Руската федерација и Украина. 95 проценти пак, од производството на охридската цреша завршуваше на рускиот пазар, а во последните 10 години производството на цреши од 50 тони се зголеми дури за 20 пати.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град