Протерана турска министерка од Холандија

холандските сили за безбедност со употреба на водени топови ги растераа демонстрантите

 |  инфодеск  | 

Холандската полиција, во текот на ноќта, ги растера демонстрантите, приврзаници на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, од пред турскиот конзулат во Ротердам. Тие протестираа откако на турската министерка за семејни прашања Фатма Бетул Каја и беше оневозможен пристап до тој објект.

Министерката потоа беше протерана од Холандија и со придружба на полиција доведена до границата со Германија.

Градоначалникот на Ротердам доцна вечерва прогласи вонредна состојба во обид да ги спречат протурските демонстрации пред конзулатот, кој се претвори во жариште на влошување на односите меѓу Холандија и Турција.

Градоначалникот Ахмед Абуталеб рече дека се потребни посебни овластувања за да се осигури безбедноста во центарот на градот, стравувајќи дека повеќе луѓе ќе се приклучат во демонстрациите и дека постои „сериозна загриженост“ дека може да следуваат немири.

Холандскиот премиер Марк Руте преку социјалните мрежи порача дека било барано разумно решение, но тоа се покажало невозможно.

“Холандската Влада ја прогласи министерката за непожелно лице, па согласно нашите прописи таквата личност мора да се протера и врати од каде и дошла, односно во овој случајот во Германија. Беа потребни неколку часа преговарање за да ја натераме да излезе од возилото и да можеме да ја протераме. Моравме да провериме и дали нејзиното обезбедување, 10 до 15 лица, се вооружени”, изјави градоначалникот на Ротердам Ахмед Абуталеб.

Холандската амбасада и конзулат во Турција се затворени од безбедносни причини, објави Ројтерс пренесувајќи извори од турското министерство за надворешни работи, а на социјалните мрежи се појавија и информации дека Турција уапсила неколку холандски дипломати..

Овој потег уследи откако холандската влада му забрани на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу да слета во Ротердам за да држи митинзи за претстојниот референдум во Турција, на кој ќе се одлучи дали Реџеп Таип Ердоган ќе добие огромна моќ во земјата.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top