Атентаторот на рускиот амбасадор бил обезбедување и на Ердоган

Во изминатите месеци осум пати го обезбедувал турскиот претседател

 |  инфодеск  | 

Турскиот полицаец кој го уби рускиот амбасадор во Анкара, во изминатите месеци осум пати го обезбедувал турскиот претседател Ердоган, пишува весникот „Хуриет“.

Мевлут Мерт Алтинташ од јули годинава бил дел од обезбедувањето на турскиот претседател на осум јавни настапи на Реџеп Таип Ердоган, пишува денеска турскиот весник „Хуриет“. Притоа, 22-годишниот турски полицаец бил дел од втората алка на обезбедување, што значи веднаш зад личните телохранители на Ердоган.

Алтинташ во понеделникот, на отворањето на една изложба во Анкара, го застрела рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов. Според медиумски извештаи, тој влегол на изложбата благодарение на својата полициска легитимација. Алтинташ, инаку член на специјална единица во Анкара, пукаше од зад грб во Карлов девет пати.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу за атентатот го обвини движењето на Фетула Ѓулен.

Турските медиуми јавуваат дека досега во врска со атентатот во Анкара се уапсени 13 лица, меѓу кои и блиски роднини на Алтинташ.

Тим на руски иследници од вчера е во Турција за во соработка со турските колеги да ги истражи причините и евентуално други лица кои стојат зад атентатот.

Убиениот руски амбасадор Карлов треба да биде погребан утре во Москва. На комеморацијата ќе присуствува и рускиот претседател Владимир Путин, кој за таа цел за во петок ја одложи закажаната годишна завршна прес-конференција.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top