На светските девизни пазари вредноста на доларот кон кошничката на валути минатата недела достигна највисока вредност во последните 13 и пол години, бидејќи се очекува Федералните резерви на САД (ФЕД) да ја зголемат основната каматна стапка до крајот на годината.
Односот на еврото кон доларот минатата недела падна за 2,5%, на 1,0590 долари, а во еден момент достигна вредност од 1,0567.
Американската валута зајакна и во однос на јапонскиот јен на 110,90 јени, што е највисоко ниво во изминатите пет и пол месеци. Во изминатите две недели доларот во однос на јенот зајакна за 7,5%, што е најголемо зголемување на вредноста од јануари 1988 година.
Доларот зајакна и кон другите валути, па неговиот индекс кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на кошничката од шест најважни светски валути, минатата недела достигна 101,48 бодови, највисоко ниво од април 2003 година.
Зајакнувањето на доларот се должи на растот на приносот на американските обврзници, со оглед дека се очекува зголемување на каматите од страна на ФЕД и зголемување на инфлацијата.
По победата на Трамп на претседателските избори, приносите на американските обврзници силно пораснаа, бидејќи неговите најавени политики, почнувајќи од протекционизмот до воведувањето на високи царини на увозните производи, преку вложување во инфраструктура до зголемување на фискалната потрошувачка и намалување на даноците, би можеле да ја зголемат инфлацијата.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град