Добивката на Facebook трикратно зголемена

Чистата добивка на Facebook во третиот квартал достигнала 2,4 милијарди долари

 |  инфодеск  | 

Facebook во изминатото тромесечие отстварил приходи од 7 милијарди долари, 56% повеќе отколку една година претходно, додека добивката е скоро трикратно поголема, благодарение на силниот раст на огласувањето.

Спрема објавениот извештај, чистата добивка на Facebook во третиот квартал достигнала 2,4 милијарди долари, што е 166% повеќе од истиот период лани.

Притоа приходите од огласување, кои го чинат најголемиот дел на приходи, се зголемиле за 58%, на 6,82 милијарди долари.

Најмногу се зголемиле приходите од огласување на мобилните уреди кои чинат 84% од вкупните приходи од огласување, додека пред една година тие биле 78%.

Огласувачите ја менуваат насоката на парите од телевизиските на веб и мобилните платформи, а Facebook е една од компаниите која од тоа има најголема корист, иако на мобилниот видео пазар е соочен со жестока конкуренција од Snapchat и YouTube, кои исто така секојдневно привлекуваат милиони посетители.

Најголемата социјална мрежа на крајот на изминатото тромесечие имала 1,79 милијарди активни корисници ширум светот, 16% или 243 милиони корисници повеќе од една година претходно. Само за споредба, Twitter во истиот период имал вкупно 317 милиони месечни корисници.

Притоа, во изминатото тромесечие бројот на дневно активни корисници достигнал 1,1 милијарда, додека една година претходно биле 894 милиони.

И покрај вакви подобри резултати од оние кои ги очекувале аналитичарите, акцијата на Facebook во средата на Wall Street падна за 7%, а тоа се смета дека е последица на тоа што растот на огласување веројатно ќе се успори поради ограничениот број на огласи кои Facebook може да ги прикажува на корисниците, а да не ги одврати од користење на мрежата.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top