Новинари откриваат како протекоа документите од “Panama Papers”

Протекувањето на приватни податоци за моќници почнало пред повеќе од една година

 |  инфодеск  | 

Финансиската афера “Panama Papers” почнала од едно лице кое и понатаму е анонимно, а новинарите кои биле први повикани опишуваат како дошле до приказната.

“Здраво, ја сум John Doe”, напишал непознат свиркач во шифрирана електронска пошта која пристигнала на адресата на Suddeutsche Zeitung. “Дали сте заинтересирани за некои податоци?”

“Да, и тоа како”, бил одговорот на Bastian Obermayer, истражувачки новинар со богато искуство во откривање на финансиски скандали.

Во месеците кои следеле, анонимниот свиркач им пратил голем број пораки, скенирани документи, фотографии и податоци за клиенти украдени од серверот на адвокатската фирма од Панама Mossack Fonseca, која со десетлетиа била мета на истраги поради сомнение дека е поврзана со перење на пари. Тоа бил рудник на информации кој на крајот опфати 11,5 милиони документи и 2,6 терабајти податоци.

Оригиналните документи биле напишани на 25 различни јазици. Еден од новинарите бил и искусниот Luke Harding, кој учествувал во неколку истраги, меѓу кои и WikiLeaks и случајот со Edward Snowden. Сега открил мрежа од преку стотина меѓународни трансакции, во чие средиште се наоѓале оф-шор компании поврзани со музичарот Сергеј Ролдугин, еден од најблиските пријатели на претседателот Путин.

“Знаевме дека постои врска со пријателот на Путин. Знаевме дека парите ги праќа во оф-шор компании од руските државни банки и дека тие се враќаат рециклирани во Русија”, изјавил Harding. Кон крајот на минатата година конечно успеале да ја поврзат таа компанија и уште една во чија сопственост се наоѓа и луксузниот ски-центар во близина на Санкт Петерсбург во кој рускиот претседател со задоволство се одмора, вели Harding. Понатамошните истражувања покажале дека на истото место во тајност се омажила и ќерката на Путин за што се дозна дури минатата година.

“Многу богати и моќни лица кои акумулирале големи богатства сега се во грч бидејќи сфатиле дека нивните банкарски тајни веќе не се тајни и дека е-мејлот не е приватен медиум”, заклучил Harding, a пишува NY Times.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top