“Пребарувањето ги смени животите на луѓето и повеќе од една милијарда луѓе зависат од нас”, напишал на социјалната мрежа на Google Amit Singhal, шефот на одделот за пребарување на оваа компанија најавувајќи го своето заминување во пензија. Од Google веќе ја најавија неговата замена и новиот шеф на една од најважните дивизии на компанијата, а технолошките аналитичари веруваат дека ова наименување ќе ја одреди идната насока на најпопуларниот пребарувач во светот.
Имено, на водечкото место седнува John Giannandrea кој моментално во Google го води тимот кој ја развива вештачката интелегенција. Аналитичарите велат дека ова е јасен знак дека пребарувачот на Google во иднина ќе биде “попаметен”. Благодарение на вештачката интелегенција Google може да препознава говор и ракопис, да спречува онлајн измами и да одговара на електронска пошта, а колку е напредокот голем може да се види на примерот на автомобилите без возач кои во претходните години извозија стотици илјади километри низ САД.
Исто така, голем напредок на ова поле можеше да се види неодамна кога програмот на Google, AlphaGo го победи европскиот првак во играта Go, за која велат дека е најкомплексна игра на светот. Со поголема примена на вештачката интелегенција Google не би бил ограничен само на пребарување на поими и фотографии, туку би станал виртуелен асистент кој би предвидувал сѐ што ќе им биде корисно на корисниците во одредени ситуации.
За да успее во ова, пред Giannandrea е голема работа – како што рекол самиот во неодамнешното интервју за Fortune, “компјутерите денес се прилично глупи” и ги споредил со четиригодишно дете. Во објавата на Google+, Singhal веќе најавил дека најпопуларниот пребарувач на светот секој ден ќе биде подобар, а ќе биде интересно да се следи какви промени ќе воведе новиот шеф на овој оддел.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град