Илјадници граѓани се собраа во центарот на главниот град на Молдавија, Кишињев, во најголемите улични протести во историјата, барајќи оставка од претседателот на државата Николае Тимофтиј и предвремени избори поради банкарска измама од една милијарда долари која го нарушила животниот стандард на граѓаните.
Спрема полициските податоци во центарот на градот се собрале помеѓу 35 и 40.000 луѓе, иако организаторите од новата Граѓанска платформа DA тврдат дека ги има три пати повеќе.
Со извиците “Победа! Вратете ја милијардата назад!” протестантите бараат оставка на Тимофтиј и предвремени претседателски избори, но директни, бидејќи претседателот досега го бираше парламентот.
Исто така бараат оставки на членовите на Централната банка и Државното обвинителство, а нивните претставници тие барања, во облик на пишана резолуција, ќе му ја предадат на премиерот Валериј Стрелетс, со кој треба да имаат средба вечерва.
“Ќе останеме овде до крај, додека нашите барања не се прифатат”, рекол од бината еден од водачите на протестот, адвокатот Андреи Настасе. Некои учесници на протестот веќе почнале да поставуваат шатори на плоштадот во Кишињев.
Во нечуената измама која открила позамашна корупција и моќ на олигарсите во таа земја од 3,5 милиони жители, од банкарскиот систем исчезнала една милијарда долари, што е една осмина на молдавскиот бруто национален доход.
Измамата предизвикала голем пад на вредноста на националната валута, силно ја зголемила инфлацијата и го нарушила животниот стандард.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град