Грчкиот парламент го одобри предлогот на премиерот Алексис Ципрас да се одржи референдум на 5 јули на кој граѓаните ќе одлучуваат за условите на меѓународните заемодавачи во замена за понатамошна помош, известуваат новинските агенции. Пратениците го поддржаа предлогот на премиерот со 178 гласа за и 120 против.
Грчкиот премиер смета дека “не”на референдумот ќе ги зајакне позициите на преговарачката моќ.
“Со чисто “не” ќе пратиме порака дека Грција нема да се предаде”, рекол Ципрас.
Тој потсетил и дека Европјаните повеќе пати на референдуми ја изразувале својата волја.
“Дали на Французите им рекоа дека референдум не е дозволен кога тие гласаа за Европскиот устав”, се прашувал грчкиот премиер.
Сценаријата за тоа како ќе се развива грчката криза се движат од мислење дека е можен контролиран излез од еврозоната, па до расплет со кој заемодавателите и Грција ќе постигнат договор во последен момент.
Министрите за финансии во еврозоната, освен Грција, истакнале дека ќе направат сè за да ја задржат стабилноста на заедничката валута по драматичната ситуација со Грција, која за два дена би можела да се најде во ќорсокак со сервисирањето на долговите.
Во заедничката изјава кои ја договориле министрите за финансии на 18 земји се вели дека еврозоната сега е многу поспремна за евентуални шокови отколку што беше кога изби должничката криза.
“Земјите членки на еврозоната имаат намера да ги искористат сите инструменти кои се достапни за да се сочува интегритетот и стабилноста на еврозоната”, се вели во заедничката изјава.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град