Уште едно светско чудо е на работ на пропаста. Милитантите на Исламската држава не се откажуваат од дивеењето и уништувањето на културното наследство на Ирак и Сирија, а овој пат нивната цел е древниот град Palmyra во Сирија кој е дел од светското културно наследство под заштита на UNESCO.
Сириските владини сили наводно се обидуваат да ги задржат борците на Исламската држава подалеку од градот откако во средата го нападнале Tadmur, модерен град во близина на древниот Palmyra, пишува CNN.
Во борбите помеѓу сириските сили и милитантите на ISIS во близина на древниот град загинале најмалку 15 сириски борци, а милитантите убиле 23 членови на фамилии на сириски владини службеници во петокот во al Amiriy и во al Sukhan уште 26 лица, а двете села се сместени околу 70 километри североисточно од Palmyra.
Овие губитоци се причина да се верува дека доколку Palmyra падне под контрола на милитантите тие ќе го уништат како што ги уништија древниот град Nimrud и статуите во музејот во Mosul.
Директорката на UNESCO, Irina Bokova повикала местото да се заштити. Објаснила дека веќе четири години локацијата е мета на борбите, а се работи за незаменливо богатство на сирискиот народ, но и на целиот свет.
Овој древен град е важен бидејќи е збирка на рушевини во пустината североисточно од Дамаск и е позната под името “невеста на пустината”. Сместен е во оаза и некогаш бил важен за трговските рути кој ги поврзувал Персија, Индија и Кина со Римското царство.
Британскиот историчар Tom Holland местото го опишал како “извонредна фузија на класични и ирански влијанија измешани со различни арапски влијанија”. И затоа ова уништување на Palmyra би било загуба за целиот свет.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град