• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • „Охридски комуналец“ ги повикува на соработка полицијата и комуналните редари да ги спроведуваат надлежностите од Законот за јавна чистота

„Охридски комуналец“ ги повикува на соработка полицијата и комуналните редари да ги спроведуваат надлежностите од Законот за јавна чистота

Иако, службите на Комуналец работат деноноќно на подигање кабаст, зелен отпад и градежен шут во сите делови на градот, не можат да се справат со хигиената во јавната чистота од несосвесните граѓани и сопственици на викенд станови. До ТВМ секојдневно пристигнуваат слики од кои се гледа граѓанската некултура  и ниската еколошка свест.

 |  Валентина Неловска  | 

 

Од направениот утрински увид на терен за комуналната хигиена низ градот, екипите на ЈП Охридски комуналец констатирале лоша слика во разни делови од градот. Оставени, покрај контејнерите, каде што не им е место се одложувани кабаст, зелен отпад и градежен шут. Тоа особено е изразено после викендите, в понеделник, кога не само охриѓани, туку и сопствениците на викенд становите преуредуваат или се ослободуваат од она што не им е потребно, информира Стевчо Маслов од јавното  претпријатие.

„Очајна е состојбата во делот на Далјан, Воска, Градска плажа. Комунален отпад беше подиган и се соочивме со енормно големи количини на кабаст отпад, зелен отпад и шут до контејнерите. Дополнително моравме да ангажираме механизација и камион кипер со цел да ја санираме состојбата, градот тоа не го заслужува. Охрид е космополитски град“.

Во рубриката „Ти си твојот град“ на ТВМ Телевизија граѓани испратија слики од мини депонија кај трговскиот центар Пазар која го блокира влезот во зградата. Во делот на Горна Порта, запалени два контејнери поцрнаа дел од камениот појас на Самоилова тврдина. Иако, службите работат деноноќно на подигање на кабаст, зелен отпад и градежен шут во сите делови на градот не можат да се справат со хигиената во јавната чистота од несосвесните граѓани. Од ЈП Охридски комуналец ги повикуваат на соработка полицијата и комуналните редари да ги спроведуваат надлежностите од Законот за јавна чистота.

„Согласно законот за јавна чистота, ингеренции и превенции од вакви работи имаат СВР Охрид и
комуналните редари. Бидејќи ова го прават физички лица, да бидат поприсутни на терен. Гледаме дека не можеме да излеземе на крај и бараме соработка и помош од нивна страна. Согласно законот тие се оние кои вршат превенција и казнување на прекршителите.“

До ТВМ секојдневно во рубриката „Ти си твојот град“ пристигнуваат поплаки и слики од кои се гледа граѓанската некултура и ниската еколошка свест. Надлежните органи кои имаат ингеренции да санкционираат и превенираат како да ги нема на терен. Побаравме став од СВР Охрид и Општинскиот инспекторат дали го применуваат Законот за јавна чистота и колку пријави и санкции имаат изречено против несовесни граѓани за да придонесат за почист град и во справување со овие појави.

Портапаролoт на СВР Охрид Стефан Димоски, не информира дека од почетокот на годината СВР Охрид нема поднесоци поврзани со Законот за јавна чистота поради пандемијата и целосната посветеност на полициските службеници кон спроведување на бројни безбедносни мерки за заштита на јавното здравје на наеселението од Ковид 19. Додава дека со нормализирање на состојбите, СВР Охрид во рамките на своите редовни активности, ќе продолжи со преземање на оние мерки што, како овластувања ги има, според Законот за јавна чистота со кои се уредуваат условите и начинот на одржување на јавната чистота  на јавни површини и јавни објекти.

Одговор на прашањето не добивме од Oпштинскиот инспекторат.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top