Годинава туристичкиот бисер остана без мобилни тоалети.

Годинава туристичкиот бисер остана без мобилни тоалети. Охриѓани и гостите се снаоѓаат кој како знае и умее. Локалната самоуправа молчи зошто годинава не се поставија на локации во градот мобилни јавни тоалети.

 |  Валентина Неловска  | 

Охрид ова лето остана без јавни тоалети. Оваа сезона, изостана праксата која со години наназад се применуваше во решавање на проблемот со недостаток од јавни тоалети, на неколку локации да се поставуваат мобилни санитарни јазли. Од локалната самоуправа молк на нашето прашање зошто градот потфрли во оваа комунална практика и не постави јавни тоалети за употреба за  гостите, но и за охриѓани. Тие сега се оставени да се снаоѓаат кој како знае и умее, а не ретко и излегувањето во град се случува да се изјалови со враќање дома или во апартманите бидејќи рестораните и кафулињата не дозволуваат да се користат нивните  тоалети. Ова фрла негативна сенка врз туризмот, а со години нема трајно решение нешто што е најнормално за европските и светските градови, а не пак за туристичките центри.
Сеуште нема резултат и од најавите од Југозпадниот плански регион дека ќе бидат подиганти санитарни контејнери. Според овој проект јавни толаети се планирани на две локации во Охрид, едниот кај Амамот, а другиот кај Горна Порта.

За ТВМ Телевизија од Југозападниот плански регион не информира дека од секторот за урбанизам при Локалната самоуправа добиле одобрение за локации и во тек е тендерска постапка. Досега два тендери пропаднале заради неисполнување на условите на пријавените фирми, а сега чекаат трета среќа.

Минатата година во градот беа поставени 24 јавни тоалети на 7 локации. По 2 тоалети имаше на локации во Воска и Даљан кај Младински, 2 кај автобуската станица, 5 кај Горна Порта, потоа во близина на Домот за култура, по кеј Маршал Тито, кај мостот и кај скејт паркот. Обврската редовно да ја одржува хигиената на мобилни тоалети ја имаше компанијата МСС – мобилни санитарни сервиси.
Тоалетите беа во функција од месец јули до месец септември.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top