Започнува нокаут фазата во Лигата на шампиони

Во осминафиналето најтежок тест ќе има Барселона

 |  инфодеск  | 

Со натпреварите во Лисабон (Бенфика-Борусија Дортмунд) и Париз (ПСЖ-Барселона) вечерва започнува осминафиналето во Лигата на шампиони.

Последните неколку години, од реформите на Платини, во многу нешта опадна интересот за групната фаза поради фактот дека расплетот на групите е предвидлив, но и со клубови на кои великаните набиваат гол разлика. Затоа многумина со пасионирано следење тргнуваат токму од нокаут фазата која редовно нуди возбудливи дуели помеѓу европските тешкаши.

Во ждребот за осминафиналето најтежок тест ќе има Барселона која како победник на група го извлече ПСЖ со кој во последните четири години одиграа дури осум натпревари во Лигата на шампиони. Каталонците беа поуспешни во четвртфиналето во сезоната 2012/13, потоа во сезоната 2014/15 беа сместени во иста група, за повторно да се сретнат во четвртфиналето каде славеше Барселона.

ПСЖ е желен за освета о под водство на Унаи Емери ќе се обиде да направи каква таква разлика за возвратот во Каталонија. Меѓутоа тие ќе бидат ослабени за Тиаго Силва и Тиаго Мота.

“Не чека атрактивен натпревар, а пресудно ќе биде тоа кои подобро ќе ги искористи тактичките идеи. Сакаме да се покажеме бидејќи играме против еден од најдобрите клубови во светот”, изјави Емери.

Барселона играше урагански против Алавес во увертирата на овој двобој, а ќе недостасуваат Арда Туран, Ксавиер Маскерано и Алекс Видал.

“ПСЖ игра на високо ниво последните неколку недели. Го познавам Унаи и знам дека ќе се обиде да ни го загорчи животот”, изјави Луис Енрике.

Веројатни состави:
ПСЖ – Трап, Орие, Маркињос, Кимпембе, Максвел, Верати, Рабио, Матуиди, Моура, Дракслер, Кавани.
Барселона – Терштеген, Роберто, Пике, Умтити, Алба, Бускетс, Ракитиќ, Иниеста, Меси, Суарез, Нејмар.

Во вториот натпревар вечерва Германците се водат како фаворити, но ќе видиме колкави се последиците од поразот кај најлошата екипа во Бундес лигата.
Бенфика води жестока борба со Порто за насловот првак на Португалија, а во ЛШ избори осминафинале со второто место во релативно лесната група со Наполи, Бешикташ и Динамо Киев.

Веројатни состави:
Бенфика – Едерсон, Семедо, Луисао. Линделоф, Елисеу, Фејса, Пици, Салвио, кариљо, Џонас, Митроглу.
Борусија Дортмунд: Бурки, Пишчек, Сократис, Бартра, Шмелцер, Вајгл, Кастро, Гереро, Дембеле, Ројс, Обимејанг.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top