Насловот првак на Јужна Америка освоен пред 4 години во Аргентина ќе го брани Уругвај, кој ќе има тешка задача поради суспензијата на нивниот најдобар играч Луис Суарез, кој е казнет поради инцидентот на Светското првенство кога го гризна италијанскиот одбранбен играч Џорџо Кјелини. Во Чиле со најдобри состави доаѓаат Аргентина и Бразил, кој го води новиот селектор Дунга.
Се очекува опасен да биде и домаќинот Чиле кој ги воодушеви љубителите на фудбалот на минатото Светско првенство во Бразил, но и Колумбија која ќе биде посилна со Радамел Фалкао.
Репрезентациите се поделени во три групи со по четири екипи, а првите две од секоја група и двете најдобро третопласирани селекции ќе изборат настап во четвртфиналето.
На хартија се чини дека групата А која ја предводат домаќините е најлесна, а Чилеанците имаа среќа при ждребката па за противници ги добија традиционално послабите репрезентации од Јужна Америка Еквадор и Боливија, а притоа мексиканскиот селектор одлучи да доведе ослабена репрезентација без најдобрите свои напаѓачи Чачарито Хернандез и Џовани Дос Сантос. Чиленскиот селектор, Хорхе Сампаоли на располагање ќе ги има голманот на Барселона, Клаудио Браво, играчот за врска на Јувентус, Артуро Видал и напаѓачот на Арсенал Алексис Санчез, па се чини дека без потешкотии Чиле ќе го освои првото место во групата со оглед на фактот дека и Еквадор ќе биде прилично ослабен бидејќи поради повреда нема да настапат искусниот Антонио Валенсија и Фелипе Каикедо, а Боливија се смета за убедливо најслабата репрезентација во групата.
Аргентина во Чиле тргнува сериозно со оглед на фактот дека селекторот Герардо Мартино ги има на располагање сите најдобри, па тешко е да се замисли како ќе се спротистави некоја екипа каде играат Лионел Меси, Серхио Агуеро, Карлос Тевез и Гонзало Игуаин. Во отсуство на Суарез, уругвајскиот стратег Оскар Табарез ќе мора да се потпре на цврста одбрана и напаѓачот на ПСЖ Едисон Кавани, за да влезе во борба за второто место со Парагвај кој пак сеуште е во лоша форма. Од своите 14 последни средби Парагвај добил само две, а во квалификациите за СП во Бразил го завзеде последното место. Јамајка ќе дебитира на Copa America, но избраниците на германскиот селектор Винфрид Шафер би можеле некому да му ги расипат сметките во оваа група.
Во групата Ц ќе се сретнат две врвни репрезентации, Бразил и Колумбија, кои се сретнаа и во четвртфиналето на СП минатата година. Тогаш беше поуспешен Бразил со 2-1, но победата ја плати со повреда на Нејмар по која во полуфиналето и во борбата за третото место скапо го чинеше и ги загуби двата меча. Покрај Нејмар во нападот, селекторот Дунга ќе се потпре на Диего Тардели и Филип Кутињо, додека одбраната ќе ја сочинуваат Тиаго Силва и Давид Луиз. Колумбија за разлика од СП во Бразил ќе биде посилна за Радамел Фалкао кој во Чиле сака да ги избрише лошите спомени од клупската сезона во Манчестер Јунајтед. Селекторот Хозе Пекерман освен Фалкао на располагање ќе ги има Џејмс Родригез, Џексон Мартинез, Хуан Квадрадо, Пабло Армера… При толку силни Бразил и Колумбија, илузорно е да се очекува дека Перу и Венецуела би можеле да се вклучат во борбата за некое од првите две места.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град