Швајцарецот Стен Вавринка во своето трето Грен Слем финале стигна и до третиот наслов победувајќи го првиот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ во дуелот за победничкиот трофеј на УС Опен со 6-7, 6-4, 7-5, 6-3.
На Вавринка по триумфот на Австралија Опен во 2014 година, Ролан Гарос во 2015 и овогодинешниот УС Опен, сега му остана само триумф на Вимблдон за да ја пополни колекцијата на Грем Слем титули и да се придружи на осуммината тенисери на кои тоа им успеало, а во која како последен влезе токму Новак Ѓоковиќ со овогодинешниот триумф на Ролан Гарос.
Финалниот двобој на распродадениот стадион Артур Еш траеше три часа и 54 минути, а Швајцарецот уште еднаш покажа дека е играч од највисока класа иако не го отвори мечот на најдобар можен начин. Ѓоковиќ поведе со 5-2, имаше две сет топки, но Швајцарецот успеа со пресврт да дојде то тај-брејк. Сепак, во одлучувачките моменти бранителот на титулата во Њујорк го освои првиот сет. Во вториот Вавринка успеа при резултат 4-4 да го направи клучниот брејк и подоцна да го освои сетот.
Полн со самодоверба 31-годишниот Швајцарец третиот сет го отвори со 3-0, а Ѓоковиќ успешно се врати на 3-3 и сѐ до 12 гем немаше прилика за брејк. Тогаш Вавринка стигна до шанса, воедно и сет топка, која ја претвори во клучна предност.
Во четвртиот сет Ѓоковиќ се бореше и со плускавците на нозете, поради што во два наврати му беше пружана лекарска помош. Повеќеминутната пауза не го наруши ритамот на Вавринка и по 3 часа и 54 минути можеше да ја прославува својата втора победа во Грен Слем финалиња над српскиот тенисер.
И покрај поразот Ѓоковиќ останува прв тенисер на АТП листата со повеќе од 4.500 бодови предност пред Британецот Енди Мареј. Стен Вавринка благодарение на турнирот во Њујорк се проби на третото место на АТП листата со што го изедначи својот најдобар пласман во кариерата.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град