Шпанија завиена во црно

Дали е ова крај на европскиот “Дрим тим”?

 |  инфодеск  | 

Шпанската непобедлива репрезентација доживеа шок. Браќата Гасол и друштвото не само што нема да го играат долго сонуваното финале со САД, туку нема да освојат ниту медал. Такво нешто ни во лудило не очекуваа. Ослабената Франција без Паркер приреди првокласна сензација победувајќи ја со 65-52, во последните неколку години, најсилната генерација на стариот континент.

Иако Французите се европски прваци и минатата година по прв пат ја совладаа Шпанија  во еден голем натпревар, победата во четвртфинале спаѓа во сосема друга категорија. Разликата е во тоа што на ова Светско првенство Шпанците доведоа сѐ најдобро што имаат и целото првенство изгледаа како незапирлива машина. Сѐ до четвртфиналето и францускиот бедем. Тоа што го направија играчите на Колет е апсолутен подвиг.

Франција со одлична одбрана го уништи напаѓачкиот арсенал на европскиот дрим тим, екипа која во нападот има безброј решенија, а Американците уште на почетокот се претпазливи во изјавите кога се работеше за шпанската екипа. Гоберт одигра одбранбена улога на кариерата, Диао повлече во нападот, а Уертел на теренот беше воскреснат Паркер. Шпанија која сите ја гледаа на тронот, едноставно немаше решенија.

Меѓутоа, поразот не е единствена работа која ја загрижи нацијата. Освен што нема да ја гледаат својата репрезентација во дуел со американскиот дрим тим, Шпанците се прашуваат дали со ова дојде крајот на една величенствена генерација. Имено, По Гасол и Хуан Карлос Наваро се блиску до репрезентативна пензија, а нивното најавувано финале требаше да го одбележи конечното збогум.

“Време е да почнам да размислувам за прекин. Веќе 13 години секое лето одам да настапувам за репрезентацијата. Еднаш тоа мора да прекине”, најавил Наваро уште пред две години и така наговести дека Светското првенство во Шпанија би можело да биде последно репрезентативно лето.

“Ова беше болен пораз, многу разочарувачки. Имавме големи очекувања, игравме неверојатен турнир и тогаш дојде оваа вечер. Едноставно не беше наша вечер”, изјави Гасол. Тој додал: “Никогаш не знаеш кога ќе биде последен натпревар или турнир. Сакам да играм до 50, ама се сомневам. Имаме одлични млади играчи кои доаѓаат и сигурен сум дека ќе имаме добра екипа и во иднина”.

Следната година е Еуробаскет и воедно квалификацискиот турнир за Олимписките игри во Рио 2016 година. Дотогаш има време и останува да се види во каков состав ќе биде Шпанија, но евидентно се ближи крајот на генерацијата која влезе во историјата на европската и светската кошарка.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top