Скандалозна разделба на Бразил со Копа Америка

По втор пат во својата историја Бразил е елиминаран во групната фаза на контроверзен начин

 |  инфодеск  | 

На скандалозен начин, по втор пат во својата историја, Бразил е елиминиран во групната фаза на натпреварувањето на Копа Америка. Перу во одлучувачкиот натпревар за пласман во следната фаза по прв пат во 30 години славеше против Бразил со минимални 1-0, но голот на Раул Руидиаз е постигнат со рака.

Се играше 75 минута од средбата и Перуанците комбинираа на десната страна. Енди Поло се проби во шеснаесетникот, центрираше полувисока топка, а Руидиаз со рака ја смести во голот. Ова сите го видоа освен судијата. Раката не беше ниту блиску до телото во моментот кога топката го удри во раката која беше 20 центиметри зад него. Судија беше Андрес Куња, угледен уругвајски судија кои ги води дерби натпреварите во домашното првенство.

Стрелецот на контроверзниот погодок Руидиаз тврди дека нема ништо спорно со неговиот “златен гол”.

“Не разбирам зошто се направија толку контроверзи за ништо. Топката ме погоди во колкот, а не во рака. Мило ми е што судијата тоа го виде и го призна погодокот”, рекол Перуанецот, кој најпрво ја намести топката со рака и потоа со колкот ја смести во мрежата.

Прекинот по голот траеше 5 минути, но сите жалби на Бразилците и консултациите помеѓу судиите беа залудни. Куња дури и комуницираше со некого по радио врска, се претпоставува со некој кој ја гледал повторената снимка, но сеедно после тоа покажа со прстот на центарот.

“Ова е неверојатно. Не можеме ниту јас ниту моите играчи да го поправиме ова што се случи. Не можеме да го натераме судијата да види нешто што не сакал. Со кого комуницираше? Ова е многу чудно и сомнително”, изјавил селекторот на Бразил, Дунга по натпреварот.

На Перу му беше признат голот, а петкратниот светски првак не успеа до крајот да постигне гол за нерешен резултат кој му беше потребен за пласман во четвртфиналето на Копа Америка.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top