По четирите воведни трки, ниту Големата награда за Шпанија не донесе добри вести за Ред Бул. Екипата, која во периодот од 2010 до 2013 нанижа четири титули во конкуренција на конструктори и со која Себастијан Фетел го покори светот, со проблеми и неконкуретност се соочува од минатата година, кога се воведоа хибридните мотори.
На патеката Каталуња Даниел Рикардо го освои седмото, а Даниел Квајт десеттото и после пет трки Рикардо се наоѓа на седмата позиција со 25 освоени поени, додека Квајт е 15-ти со само 5 поени.
Така мизерниот учинок го засили алармот кој во Ред Бул е запален уште од минатата сезона. Фрустрирани со неуспехот кој нивниот снабдувач на мотори, Рено го искажува во прилагодувањето со хибридни мотори е до таа мерка што предизвика јасно да порачаат: “Ако во блиска иднина немаме конкурентен болид, тогаш или доаѓа Ауди или ние излегуваме од Формула1!”
Ова е ултиматумот кој го постави советникот во екипата на Ред Бул , Хелмут Марко. Ова е изјава која првенствено треба да се протолкува како предупредување до Рено со кој Ред Бул го губи трпението, бидејќи Марко истовремено негираше било какви преговори со Ауди.
Излегувањето од Формула1 и не е така едноставно. Како и сите други екипи, Ред Бул има договор за натпреварување до 2020 година. Исто така, договорот со Рено е до 2016 година, а преговорите со евентуално нов снабдувач со мотори не може ниту да започне бидејќи во Волксваген, чиј член е Ауди, минатиот месец имаше отказ од страна на претседателот на надзорниот одбор, Фердинанд Пих, човек кој жестоко се противеше за влез во Формула1 на било кој член од групацијата (Порше, Ламборџини, Бугати, Ауди, Сеат, Шкода…).
Во превод ова значи дека и понатаму Ред Бул продолжува соработка со Рено кој им носи големи проблеми со сигурноста на болидот. Така Рикардо во Шпанија користеше четврт по ред мотор оваа година, што е онолку колку што секој возач смее да користи во една година. За илустрација ќе додадеме дека Луис Хамилтон и Нико Розберг во првите пет трки оваа сезона користеа само еден мотор на Мерцедес.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град