Познати се сите полуфиналисти на Копа Америка

На Меси му недостасува само еден гол за да влезе во историјата на Аргентина

 |  инфодеск  | 

Фудбалерите на Аргентина и Чиле се полуфиналисти на Копа Америка и се придружија на САД и Колумбија кои тоа го направија претходно. Аргентинците славеа со 4-1 против Венецуела, додека Чиле го изрешета голот на Мексико и победи со 7-0.

Стрелци за Аргентина беа Игуаин (8,28), Меси (60) и Ламела (71), додека единствениот гол за Венецуела го постигна Рондон (70). Меси со својот погодок го изедначи рекордот на легендарниот Габриел Батистута кој во репрезентативниот дрес постигна 54 гола. Само уште еден гол му недостасува на Меси да биде најдобар стрелец на Аргентина во историјата.

Во вториот натпревар Чиле едноставно го демолира Мексико, а почетокот на катастрофата ја најави Пучо во 16 минута додека на 2-0 зголеми Варгас пред крајот на полувремето. Мексико очигледно се распадна и правеше низа на грешки кои Чиле умесно ги користеше. Најнапред Алексис Санчез зголеми на 3-0 во 49 минута, а следните осум минути Варгас додаде уште два гола на своето конто. Истиот играч во 74 минута го постигна и својот четврти гол, а точка на одличната претстава стави Чилеанецот кој ја отвори серијата Пучо.

Ова беше втор најтежок пораз на Мексико по 1961 година кога загубија од Англија со 8-0.

Аргентина и Чиле се на најдобар пат повторно да заиграат во финалето на Копа Америка. Минатата година играа во финалето кога Чиле како домаќин ја освои титулата. Овој пат ќе мораат да ги минат пречките САД, односно Колумбија. Средбите се на распоредот на 22 и 23 јуни.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top