Евробаскетот стигна до четвртфиналето каде за жал во ова друштво немаше место за Македонија, но кошаркарските вљубеници имаат што да видат.
Првиот ден на четвртфиналните натпревари го носи двобојот помеѓу Грција и Шпанија, судир кој секако претставува спектакл. Кошаркарска класика во која Грците ќе се обидат да го решат шпанскиот синдром. Избраниците на Серхио Скариола не бриљираат, доживеаа два порази и малку недостасуваше да бидат елиминирани од Германците, но сепак се најдобрата напаѓачка екипа на Евробаскетот. Од друга страна пак Грција е најдобрата одбранбена екипа.
Во Шпанија сè се врти околу извонредниот Гасол, кој во осминафиналето ја имаше најдобрата индивидуална претстава во историјата на ова натпреварување. Но, ако Бурусис и Куфос ја одработат добро одбраната, односно да го изолираат Гасол, Грците ќе бидат во предност. Нема да биде тоа лесна задача, но приоритет е да се запре најдобриот стрелец на првенството.
Вториот натпревар денес ќе се одигра помеѓу Франција и Латвија. И додека во првиот натпревар ќе имаме неизвесност, овде се очекува Французите, како апсолутен фаворит, да слават без проблеми, освен ако Стрелниекс и другарите не го одиграат својот најголем натпревар за репрезентацијата. Споменатиот Латвиец против Словенија беше маестрален. Имаше перфектен учинок од 17 поени, 8 асистенции и 6 скокови.
Меѓутоа, Франција е репрезентација која е феноменално покриена на сите позиции. Актуелниот европски првак ја игра својата најдобра одбрана и ќе игра пред 20.000 свои навивачи. Паркер и соиграчите единствено ги интересира злато и сè освен победа за нив би била катастрофа.
Можат ли Латвијците да направат сензација? Тоа се чини невозможно, но и пред четири години македонската бајка се чинеше како неверојатен сон, но се случи. Латвија се надева дека може да се случи токму тоа со малку повеќе среќа.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град