Холандија најголем губитник во квалификациите за ЕУРО 2016

Портокаловата боја ќе ја нема на стадионите во Франција

 |  инфодеск  | 

Ако Турција имаше најмногу среќа, а Исланд, Северна Ирска и Албанија беа најголеми изненадувања, тогаш најголем губитник е сигурно Холандија.

Фудбалската велесила која пред една година тесно беше поразена од Аргентина во полуфиналето на Светското првенство каде ја освои бронзената медаља, не успеа да дојде ниту до додатните квалификации, а се мислеше дека овие квалификации ќе бидат најлесни досега.

Дури 24 репрезентации ќе бидат на ЕУРО 2016, а таму нема да ги гледаме Холанѓаните прв пат по 1984 година, а куриозитет е дека и тогаш домаќин на Европското првенство беше Франција.

Но, што му се случуваше на полуфиналистот на СП во само една и половина година. Групата се покажа како неверојатно тешка бидејќи сите три репрезентации пред Холандија директно се пласираа на Европското првенство. Исланд и Чешка маестрално ги одработија квалификациите и две кола пред крајот обезбедија пласман, а Турција стана најдобра трета репрезентација со неверојатен расплет во последното коло.

Луј Ван Гал ги одведе до полуфинале на Светското првенство, а го наследи легендарниот Гус Хидинк кои квалификациите ги отвори со пораз во Чешка. Потоа изгуби на Исланд и алармот беше вклучен. Очигледно Ван Гал имал формула за комбинацијата на постари играчи и новата генерација, но исто така беше очигледно дека не му ја открил на Хидинк. На почетокот од летото сеуште постоеше надеж. Хидинк ја напушти клупата, а го замени Дени Блинд. Но, тој се покажа полош и од Хидинк. Додека Турција последните три натпревари против најсилните ги победи, Холанѓаните во истиот период се посрамотија три пати. Прво на свој терен загубија од Исланд, па дебакл во Турција и на крајот со Чешка пораз дома од 2-3.

Фудбалот во Холандија доживеа потполн колапс и дебакл, едногласен е заклучокот на тамошните медиуми. Шок имаше и во 2002 година кога репрезентацијата не се пласира на Светското првенство, но ова го доживеаа како многу полошо. Скоро половина Европа ќе биде на ЕУРО2016 а таму ќе го нема екс европскиот првак и трикратниот финалист на мундијалите, велесилата која во последните 20 години избори 5 Европски првенства и 4 Светски првенства.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top