Чиле по прв пат првак на Јужна Америка

Меси повторно губитник со репрезентацијата во едно големо финале

 |  инфодеск  | 

Аргентина и Лионел Меси повторно останаа со празни раце во големо финале. Откако го загубија финалето на Светското првенство од Германија, сега го изгубија и финалето на Копа Америка од Чиле. На националниот стадион во Сантијаго, пред 49.000 гледачи, Чиле славеше со 4-1 по изведување на пенали, а во регуларниот дел по 120 минути резултатот беше 0-0.

За Аргентина пенали промашија Игуаин кој стрелаше високо над голот и Банега на кого Браво му го одбрани пеналот. Само Меси погоди, а преостанатите изведувачи не добија ниту прилика да шутираат. Последниот пенал за Чиле мајсторски го изведе Алексис со лесен удар го измами Ромеро и Чиле ја започна големата прослава.

Ова беше тврд натпревар и не особено атрактивен. Како што обично и се случува во големите финалиња, важноста на натпреварот ја занемари убавината. Меси одигра подпросечен натпревар, шанси за гол имаше премалку, но Аргентина можеше да го реши натпреварот во регуларните 90 минути. Контрата на Меси кој одигра за Лавеци кој пак наместо да упати удар се одлучи за додавање кон Игуаин на другата статива а овој доцнеше и го погоди само надворешниот дел од мрежата. Лавеци имаше добра прилика и кон крајот на првото полувреме, но Браво овој удар го одбрани.Браво одлично интервенираше и во 20 минута кога го одбрани ударот на Агуеро, по центаршутот на Меси.

Чиле својата најдобра прилика ја имаше во 82 минута кога Алексис од свртување биеше откосо од левата страна, но топката за неколку центиметри заврши покрај голот.

Со малку среќа и храброст, сепак заслужено, домаќинот Чиле за прв пат во историјата стана првак на Јужна Америка.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top