Накитот низ вековите од Република Македонија

Во Македонскиот културен центар во Њујорк утре ќе биде отворена изложбата „Накитот низ вековите од Република Македонија“ на Археолошкиот музеј на Македонија.

 |   | 

Преку значајна изложба на накит насловена „Накитот низ вековите од Република Македонија“, ќе биде претставено нашето археолошко богатство пред светската јавност во Њујорк, во соработка со Gallery MC во периодот од 13 – 31 октомври. Ќе бидат претставени 68 музејски копии кои што се пронајдени како археолошко богатство во археолошките ископувања во изминатите 70 години на тлото на Република Македонија.

Меѓу последните активности во Охрид, беше археолошкото истражување на локалитетот Горна порта и на Самоиловата тврдина, каде беа откриени 85 гроба, од кои 12 датираат од македонско-хеленистичкиот период. Во гробниците од македонско-хеленистичкиот период, кои се со гробни конструкции од необработен камен, досега се пронајдени најразлични прилози карактеристични за тој период на погребување, како керамички амфори, калапени чаши, делови од војничката опрема – копја, ножеви, накит – златни обетки со претстави на ерос, ѓердани со мониста од стаклена паста, приврзоци, фибули и прстени, а во три гроба се пронајдени и бронзени садови.

Изложбата „Накитот низ вековите од Република Македонија“ го прикажува и посебниот статус на одредени личности кои своето богатство го користеле во постхумни цели. Најатрактивен во античкиот период е накитот од злато од времето на македонското кралство на Александар Велики и неговите наследници. Во комбинација со скапоцени камења, златниот накит прикажува декорации, како гулабици, лавови, сфинги, божества… Изложбата го прикажува и посебниот статус на одредени личности кои своето богатство го користеле во постхумни цели.Раниот средновековен период го одбележува времето на конфликтите и поделбите но, пред се, христијанизацијата, која на оваа изложба е прикажана преку парчиња накит како што се бронзени крстови – реликвијари со христијанска иконографија што нуди заштитничка моќ на верниците. Од друга страна, доцниот среден век покажува нов сјај во изработка на накитот со нова техника на филигран и гранулација на сребро.

Презентацијата на накит ќе биде надополнета и со неколку керамички тоалетни аксесоари за чување антички скапоцени етерични масла, парфеми и шминки, како и кутии за накит. Ќе бидат претставени и антропоморфни теракотни фигурини со украсни елементи од накит. Мал дел од изложбата ќе биде интерактивен за посетителите, кои ќе имаат уникатна можност на себе да испробаат копии од неколку видови антички накит и со нив да се фотографираат во соодветно адаптиран простор. Комесар на изложбата е Јане Клековски, а стручни соработници Ѓорѓи Алтанџиев и Наташа Скендерска. Изложбата во „MC Gallery“ во Њујорк ќе биде поставена до 31 октомври.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top