Од карцином на дојка во земјава годишно умираат 277 жени, од рак на грло на матка – 30 жени.
Од карцином на дојка во земјава годишно умираат 277 жени, од рак на грло на матка – 30 жени.
Светскиот ден за борба против карциномот оваа година се спроведува под слоганoт „Сите не засега” и има за цел да промовира позитивен и проактивен пристап во борбата против карциномот, притоа потенцирајќи дека карциномот може да се надмине.
Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) информираат дека годинешната кампања се фокусира на: избор на здрави животни стилови, обезбедување на можности за рано откривање, пристап до лекување за сите и унапредување на квалитетот на живот.
Една од областите во кампањата за 2015 година е промовирање на раната детекција како клучна мерка во борбата против карциномот. Според Светската декларација за карцином и Глобалниот акциски план за превенција и контрола на хроничните незаразни заболувања 2013 – 2020, секоја земја треба да обезбеди скрининг на населението за рана детекција на карциномите за кои постојат скрининг методи, вклучувајќи ги и карциномот на ракот на грлото на матката и карциномот на дојката. Со воведување на овие методи значително ќе се намали стапката на смртност предизвикана од овие карциноми.
„Владата на РМ секоја година усвојува Програма за рана детекција на малигни заболувања која е сочинета од следните компоненти: скрининг за карцином на грлото на матката, скрининг за карцином на дебелото црево, скрининг за карцином на простата и скрининг за карцином на дојка. И покрај тоа предвидените активности за рано откривање на карцином на дојка не се спроведуваат, а во последната година (2014) активностите не се соодветно планиран“, соопшти Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Во однос на скринингот за рано откривање на карцином на грлото на матката и покрај тоа што постои организиран скрининг, според ЕСЕ, евидентирани се повеќе недостатоци. Од таму велат дека не постои координацијата помеѓу различните институции извршители на скрининг на програмата и не се води соодветна здравствена статистика преку која можат да се следат состојбите поврзани со малигните неоплазми во Македонија и да се процени успешноста на самите скрининг методи. Исто така, програмата за скрининг е предмет на чести измени, најмалку два пати годишно, со што, тврдат од адружението, се губи континуитет во спроведување на планираните активности.
„Ваквите состојби во однос на скринингот на двата карциноми делумно се резултат на фактот што не се одвојуваат доволно финансиски средства за имплементацијата на планираните активности. ВоМакедонија годишно во просек од карцином на дојка умираат 277 жени, а од карцином на грло на матка умираат 30 жени, иако и двата вида на карцином можат навремено да се откријат и да се излекуваат“, се наведува во соопштението.
ЕСЕ ги повика надлежните институции во Македонија да одвојат доволно пари и да подготват и да усвојат програми за скрининг на карцином на дојка и на карцином на грло на матка соодветна на потребите во земјава, со што би се намалила стапката на смртност од овие карциноми и би се унапредило здравјето и квалитетот на животот на жените.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град