Kредитниот рејтинг на земјава во опасност

Oдложувањето на изборите ја продолжи неизвесноста од политичка разрешница, со што се зголемува притисокот врз рејтингот „ББ плус“ за Македонија земјата- ова е оценката на меѓународната рејтинг агенција „Фич“ во последниот извештај за Македонија.

 |   | 
logo

Oдложувањето на изборите ја продолжи неизвесноста од политичка разрешница, со што се зголемува притисокот врз рејтингот „ББ плус“ за Македонија земјата- ова е оценката на меѓународната рејтинг агенција „Фич“ во последниот извештај за Македонија.

При тоа агенцијата посочува дека причините за ризикот врз сегашниот рејтинг за Македонија политичката криза која почна во 2015 година а се продлабочи оваа година. Исто така како ризик се посочува и висината на државниот долгот во кој спаѓа долгот на Владата, Јавните фондови и Општините.

„Негативниот изглед на рејтингот ги одразува ризиците за политичката стабилност што настана во 2015 година како и растот на односот меѓу долгот и бруто домашниот производ. Дефицитот ќе го зголеми на долгот на Македонија и според нашата прогноза долгот на општата Влада годинава ќе се зголеми на 41,1 отсто од БДП, за разлика од 38 проценти на крајот на 2015 година.Поради продолжената политичка криза е се помалку веројатна можноста за кредибилна среднорочна фискална консолидација“, се посочува во извештајот на „Фич“.

Според агенцијата „Фич“ оваа година Македонија ќе оствари економски раст од 3,6 проценти, а истото ниво ќе го задржи и следната 2017-та година. Но, сепак од агенцијата укажуваат дека неизвесноста од политичката криза негативно ќе влијае врз економската активност.
„Неизвесната политичка клима може да влијае врз економската активност, каков што беше случајот во август лани кога Владата усвои ребаланс на буџетот и ги зголеми трошоците додека растот забави при зголемувањето на политичката нестабилност. И покрај недостатоците во однос на ДДВ и персоналниот данок на доход, подобро од очекуваната реализација на приходите го одржува фискалниот дефицит за 2015 година во рамките на целниот ребаланс на буџетот од 3,6% од БДП.Политичката неизвесност предизвика раст на трошоците од задолжувањата на државата“, стои во извештајот.

Според македонските економисти загриженоста на „Фич“ за рејтингот на Македонија е очекувана и оправдана.

„Во месец февруари потврдениот „ББ +“ рејтинг беше врз основа на проекциите за стабилна бизнис клима и раст за 2016 година од 3,6% а политичката криза беше еден од главните ризици. Во изминатиот период политичкиот ризик на земјата значително се зголеми. Тој испорачува негативни сигнали кон странските инвеститори и кон потенцијалните кредитори. Како резултат на неизвесноста и политичкиот ризик, проекциите за економскиот раст беа надолно ревидирани. Истовремено јавниот долг забележува пораст. Во еден таков контекст, основните претпоставки под кои е даден ББ+ рејтингот се нарушени и очекувана е загриженоста на ФИЧ за рејтингот на Македонија“, вели Благица Петрески, извршна директорка на Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“.

Агенцијата „Фич“ во извештајот освен на економијата, посветува внимание и на политичките случувања. Се оценува дека имало извесен напредок во имплементацијата на договорот од Пржино, но и дека евентуалното одржување на изборите на петти јуни немаше да бидат фер и демократски.

„Беше постигнат извесен напредок во однос на имплементацијата на договорот, а одложувањето на изборите во јуни, што веројатно немаше да се смета дека се слободни и фер, може да помогне повторно да оживее процесот. Европската комисија рече дека одлуката создаде „обновена можност за земјата да обрне внимание на бројните проблеми што се во сржта на продолжената политичка криза.“ Меѓутоа, одложувањето, исто така, е индикатор дека политичката поларизација останува висока, а довербата на јавноста во политичкиот систем ниска. Главните политички партии не успеаја да се согласат во однос на реформите за медиумите и изборите, како и за претседателската амнестија за 56 лица обвинети за вмешаност во прислушувањето што ги поттикна протестите на улица минатиот месец“, се наведува во извештајот.

Сепак од Агенцијата „Фич“ укажуваат дека со одложувањето на изборите останува неизвесноста кога ќе се одржат истите, дали ќе бидат слободни и фер, дали партијата што ќе изгуби ќе ги прифати резултатите, но и дали новата Владата што ќе се формира како резултат на изборите ќе може да воведе мерки со коишто ќе се подобри владеењето во државата.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top