Расте бројот на блокирани сметки на компаниите. Само во февруари бројот на блокирани сметки на компаниите е зголемен за 904, а за една година има раст од 4.424, пренесува„Утрински весник“.
Расте бројот на блокирани сметки на компаниите. Само во февруари бројот на блокирани сметки на компаниите е зголемен за 904, а за една година има раст од 4.424, пренесува„Утрински весник“.
Според бизнисмените, тоа покажува дека бизнисот и натаму тоне во неликвидност, и покрај тоа што во земјава од пред извесен период функционира Законот за финансиска дисциплина.
Вкупниот број на блокирани сметки на компаниите во февруари годинава достигнал 69.913 сметки. Тоа значи дека бројот на блокирани сметки на фирми за само еден месец пораснал за 904, со оглед што во јануари годинава нивниот број изнесувал 69.009 блокирани сметки.
Но, ако се направи споредба за една година, во однос на февруари лани (кога изнесувал 65.489), бројот на блокирани сметки на правни лица се зголемил за 4.424.
Бизнисмените со кои разговаравме велат дека податокот за растот на блокираните сметки на правните лица, во никој случај не е добар показател. Иако, оваа бројка треба да се изанализира од аспект на тоа колку од овие блокирани сметки на правните лица се токму на компаниите, стопанствениците сметаат дека, главно, блокирањето на сметките е кај приватниот бизнис-сектор.
„Тоа значи зголемување на неликвидноста кај стопанството, тоа самите бројки го покажуваат. Тоа говори дека и покрај донесениот Закон за финансиска дисциплина, проблемот со неликвидноста на компаниите се продлабочува. Проблемите се од суштинска природа, бидејќи и новосоздадените фирми и компаниите кои растат, своите потреби за финансиски средства ги обезбедуваат или од кредити или од неплаќање на своите обврски кон добавувачите, наместо тие да се темелат на раст на сопствениот капитал“, вели Ангел Димитров, претседател на Здружението на работодавци на Македонија, додавајќи дека таквиот тренд сигурно води во ситуација во која се зголемува бројот на блокираните сметки на компаниите.
Инаку, сметките на компаниите може да бидат блокирани или од банката или од Управата за јавни приходи, а може и од друг доверител, како што се, на пример, деловните партнери. Сметката од страна на деловните партнери се блокира или ако таа ја дала компанијата на суд, врз основа на правосилна судска пресуда, или, дури и не мора да се оди преку судска постапка. Односно, со нови одредби од Законот за извршување кои важат веќе неколку години, доверителот не мора да оди на суд, туку може врз база на веродостојна исправа, каква што е фактурата, да оди со решение за извршување преку нотар. Доколку должникот не се жали, а не може затоа што фактурата е веродостоен документ, доаѓа до блокирање на сметката на должникот.
„Тие законски одредби не се лоши и беа донесени со цел заштита на доверителите, но ликвидноста на компаниите во земјава и натаму е во лоша состојба“, вели Димитров.
Инаку, на крајот на февруари годинава биле блокирани 182.055 сметки на физички лица, што во однос на претходниот месец е намалување за 4.574 сметки, но во однос на февруари лани, односно за период од една година, бројот на блокирани сметки на граѓаните им е зголемен за 36.720 сметки.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град