Тактизирање пред новата лидерска средба

По вчерашните средби во резиденцијата на ЕУ сите сметаат дека четирите партии потписнички на Договорот од Пржино наредниве денови ќе постигнат договор за нова лидерска средба.

 |   | 

По вчерашните средби во резиденцијата на ЕУ сите сметаат дека четирите партии потписнички на Договорот од Пржино наредниве денови ќе постигнат договор за нова лидерска средба.

„Со партиите имавме средби последниве неколку недели и се надеваме дека во следните денови ќе имаме некаков напредок“, рече амбасадорот на САД Џес Бејли.

И евроамбасадорот Аиво Орав изјави дека со партиите имаат близок контакт, преговорите продолжуваат и се надева дека што поскоро ќе има договор. И Бејли и Орав по средбата рекоа дека состанокот поминал во конструктивна атмосфера.

На вчерашните средби учествуваа Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Артан Груби од ДУИ, Радмила Шекеринска од СДСМ и Имер Алиу од ДПА. Секој од нив си кажа за партиските забелеши и барања за наоѓање решение за излез од политичката криза. Главни теми на средбите биле утврдување на датумот за избори и утврдување на форматот на владата која ќе треба да ги спроведе изборите.

Шекеринска бара што поскоро мора да се обезбедат услови за да се одржат фер и демократски избори. „Неопходно е што поскоро да се исполнат сите услови за фер и демократски избори и тие избори да знаеме дека нема да бидат повторување на претходните криминални избори и да им дадеме шанса на граѓаните, а не на власта, да одлучува кој ќе ја носи одговорност за Македонија во следниот период“, рече Шекеринска.

Брисел веќе најави дека лидерска средба ќе биде можна до крајот на неделава.

Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ завчера изјави дека тие се подготвени за лидерска средба, но очекува претходно таа средба да биде добро подготвена.

„За граѓаните не е добро да се одржуваат лидерски средби без претходно добро подготвен план и тема, особено затоа што секогаш нас нѐ обвинуваат ако пропадне средбата“, рече Груевски.

И Мендух Тачи, лидерот на ДПА смета дека евентуалната лидерска средба би била несериозна, бидејќи нема што да се понуди за излез од кризата.

Од владејачката ДУИ, пак, посочија дека лидерски средби треба да се одржуваат затоа што се во интерес на граѓаните, а за фер избори најпрво мора да се создаде политички амбиент.

Што се однесува до терминот за изборите, и тука веќе има несогласувања. ДУИ смета дека во ваква ситуација најдобар термин за избори е 2017 или дури и редовните во 2018 година. Наспроти нив, СДСМ неколку пати најавува дека за нив најдобро е да има избори веќе есенва. За ВМРО-ДПМНЕ пак најбитно е опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев најпрво да потврдат дека избирачкиот список е чист и дека веќе нема да поставуваат нови и нови услови.

Овој притисок за нова тура на можни лидерски средби доаѓа откако претставниците на меѓународната заедница се согласија дека по укинувањето на помилувањата на претседателот на државата, договорот од Пржино е жив и дека тој треба да се рестартира. Освен тоа кон крајот на јуни ќе се одржи самит на ЕУ, а за пет дена, на 20 јуни на дневен ред на советот на министрите за надворешни работи на Европската Унија е и состојбата во Македонија.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top