Ситуацијата на Косово утрово е мирна, а војниците на КФОР ја презедоа контролата врз преминот Јариње кој вчера беше запален од страна на педесетина српски екстремисти.
Шефот на српскиот преговарачки тим Борислав Стефановиќ изјави дека со командантот на КФОР било договорено на Јариње да бидат сместени единствено војниците на КФОР и додаде дека добил гаранции оти нема да има упади на специјалните единици на косовската полиција. Српскиот претседател Борис Тадиќ ги обвини екстремистите дека со своите непромислени постапки само им прават штета на српските интереси на Косово и ги повика локалните Срби на воздржаност.
Немирите на Косово започнаа пред три дена кога специјалните единици „Роса“ по наредба на Тачи се обидоа да ги заземат граничните премини Јариње и Брњак во северниот дел на Косово, на кои не се почитуваше наредбата за ембарго на производите кои доаѓаат од Србија. Тензијата кулминираше синоќа кога неколку десетици српски ултрадесничари го нападнаа и го запалија преминот Јариње од кои претходно се повлекоа и специјалците и граничните службеници.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град