Пет тинејџери од Сибир на Божиќ во кутија нашле напуштено новороденче на минус 9 степени, кое било фрлено покрај прометниот пат во Новосибирск. Додека властите трагаат по родителите на девојчето, едно од семејствата на тинејџерите сака да го посвои бебето.
За време на православниот Божиќ во Новосибирск во малото селце Сосновка се случило вистинско чудо.
Пет момчиња нашле напуштено новородено бебе и успеале да го спасат пред тоа воопшто и да доживее какви било последици од температурите што тој ден се спуштиле и до минус 9 степени Целзиусови.
Како што пренесува „Космолскаја правда“, петте тинејџери излегле на прошетка вечерта на 7-ми јануари и се движеле на оддалеченост од еден километар надвор од селото кон автопатот.
Се шетавме и забележавме кутија оставена крај патот. Кога се доближивме, слушнавме цимолење. Прво мислевме дека се кученца во кутија – раскажува 16-годишниот Ренат Литвинов, кој бил меѓу тинејџерите што го нашле бебето.
Со блиц од мобилниот телефон тинејџерите ја осветлиле кутијата и биле вџашени од призорот што го виделе:
Имаше мало новородено девојче внатре. Лежеше како мала кукла. Немаше ниту облека на неа: само беше завиткана во крпа и веднаш до неа беше некое шише со некаква мешавина. Неколку секунди не знаевме што да направиме, каде да одиме – вели тој и раскажува како прво се обиделе да сопрат некој од автомобилите што биле на поминување, но откако не успеале, се јавиле на неговиот татко.
Јас и сопругата дојдовме веднаш, го земавме девојчето и отидовме во болница. Секако, сите беа шокирани со тоа што се случи. Докторите рекоа дека детето е добро. Излезе дека син ми и пријателите успеале да ја тргнат од патот пред да добие хипотермија – вели таткото на Ренат.
За среќа, како што соопштуваат руските медиуми бебето е во добра здравствена состојба и сè уште е во болница каде му се следи состојбата. Мајката на Ренат веќе го посетила девојчето.
Засега не се знае кои се родителите на девојчето и зошто го напуштиле на таков суров начин, но родителите на Ренат сакаат да го посвојат.
Според нивните информации, бебето не е од нивното село, а голема е веројатноста некој со автомобил да го оставил покрај автопатот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град