Терористички напади во Индонезија

Индонезиските медиуми јавуваат дека имало шест експлозии по што дошло до престрелки.

 |  Голабовски Крсте  | 
policaec

Според полицијата, една од експлозиите била предизвикана од бомбаш самоубиец, а до експлозии дошло пред еден трговски центар и во кафе ресторан на „Старбакс“.

„Прозорците на Старбакс се искршија од експлозијата и видов тројца загинати на патот. Имаше и престрелка со некој на покривот на зградата“, јави фоторепортерот на новинската агенција Ројтерс.

Во престрелката, според локалните медиуми, биле инволвирани десетина вооружени лица при што еден полицаец бил убиен.

Индонезија е на работ во изминативе неколку недели по заканата од исламските милитанти и по полициската операција за апсење на луѓето кои имаат врски со милитантите на Исламската држава.

„Ние претходно добивме закана од ИД дека Индонезија ќе стане центар на нејзиното внимание“, вели портпаролот на индонезиската полиција Антон Чарлијан.

Во близина на местото на нападите е лоцирана зградата во кои се канцеларии на Обединетите нации како и на Централната банка на Индонезија.

Оваа земја има најголема муслиманска популација во светот, а огромното мнозинство практикуваат умерена форма на верата.

Во текот на минатата деценија во таа земја имаше бран напади, а најкрвавиот беше во еден ноќен клуб на островот Бали кога загинаа над 200 луѓе, повеќето туристи.

policijaПолицијата од тогаш главно успешно се справуваше со домашните милитанти.

Меѓутоа, властите во последно време почнаа да бидат загрижени во врска со регрутирањето на приврзаници и следбеници од страна на екстремистички групи како Исламската држава, но и од враќањето на индонезиски државјани кои биле ангажирани од милитантите во Сирија и Ирак.

Аналитичарите сметаат дека нападите во Индонезија се дел од стратегијата на ИД да ги рашири своите активности во другите делови на светот, особено откако почна да губи територии во Сирија и Ирак.

Притоа се наведува решеноста на сојузниците и нивната најава да ги освојат главните упоришта на оваа терористичка организација.

Американскиот секретар за одбрана Еш Картер соопшти дека Соединетите држави распоредиле специјални сили во Ирак кои се подготвуваат да ја вратат контролата врз центрите на милитантите на ИД во Ирак и Сирија.

Американските сили ќе им асистираат на ирачките и на курдските борци во преземањето на градот Мосул во Ирак и на градот Рака во Сирија кои се сметаат за центри на ИД во овие држави.

Картер додаде дека во наредната недела во Париз ќе се сретне со колегите од Франција, Австралија, Германија, Италија, Холандија и Британија за да добие поголема поддршка во претстојните борби.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top